17.09.2020

Во последната секунда од средбата во „Градски Парк“, Американецот Чејс Шелман погоди за победа (88:86) на новакот во Првата лига.

Подготвителни натпревари: ТФТ го шокираше Работнички, кавадарчани со победа од Гевгелија

Нема шега со новакот во Првата лига...

Кошаркарите на ТФТ, макар и во контролен меч, одигран во „Градски парк“ покажаа дека не планираат да бидат во друштвото на најдобрите само „едно лето“, напротив...

Иако на полувремето на средбата со Работнички беа во двоцифрена негатива (40:51), на крајот, “црно-белите“ стигнаа до минимален триумф од (88:86) против фаворитот.

Им го донесе Американецот Чејс Шелман на 0.8 секунди пред истекот на 40.минута од играта. Со тоа го комплетираше компетниот играчки и резултатски пресврт на „контролата“ во која Локлан, Херис, Шелман комплетираа 50. поени, а младиот Николов додаде уште 17. реализации.

*Еуро Никел 2005 беше подобра екипа од Кожув. Уште во уводната четвртина гостите од Кавадарци направија сигурна предност (24:15), која успеаја да ја задржат до крајот, и да стигнат до триумфот од (84:76).

Кавадарчани играа стабилно во првото полувреме кое го решија во своја корист со (38:30), слична беше нивната позитива и по три одиграни четвртини (59:50).  

Посебно расположен за поентирање беше некогашниот жител на Гевгелија, Данило Мијатовиќ. Искусниот Србин собра 29.поени и 7.скока, Александар Влаховиќ имаше 18, искусниот Дарко Соколов 14, а уште еден новак во редовите на Еуро Никел 2005, Антон Казарновски имаше двоен број на поени – 10.

Гевгеличани, кои играа без Димитар Караџовски, имаа слаба реализација во шутот, особено за три поени (3/13), макар што, одлично поентерско издание имаше македонскиот репрезентативец Марко Симоновски. Бекот на Кожув реализира 26.поени, Џош Скот дополни со 14.поени и 8.скока, а Вили Џексон со 12.поени и 6.скока.   

Следниот меч во перидот на подготовките екипата од Кавадарци ќе го има наредната недела, на 23.септември (среда), против екипата на Академија ФМП.