Машката сениорска репрезентација на Македонија се враќа дома, за Скопје, без да одигра ниту еден од двата предвидени натпревари во „балонот“ во Талин.
Раководството на нашиот национален тим, и официјално од страна на официјалните лица на ФИБА присутни во Талин е известено дека во овој момент, нашата селекција не е подготвена за натпреварување.
И согласно со тоа, одложен е и вториот натпревар на Македонија на турнирот во Талин, оној кој утре вечер, од 19.30 часот, требаше да го одиграме против домаќинот на овој собир, Естонија.
Како причина, се наведува во соопштението на ФИБА, се наведува зголемениот број на заразени членови на македонската делегација во главниот град на Естонија.
И согласно со протоколот за Ковид-19 на ФИБА, во наредниот период ќе биде одлучено кога ќе се одиграат одложените натпревари.
Многу е веројатно дека мечевите со Италија и со Естонија ќе бидат презакажани за следниот квалификациски „прозорец“ на ФИБА, во февруари, 2021 година.
Во меѓувреме, играчите, стручниот, лекарскиот тим, и раководството на нашата федерација веќе ги почнаа со подготовките за враќање во Скопје.
По консултациите со ФИБА и со здравствените авторитети во Талин околу транспортот на лицата кај кои е утврдено присуството на Ковид-19, ќе биде направен и планот за враќање дома.