12.07.2024

Романија беше подобар ривал, славеше со сигурни (87:73)

Пораз на јуниорите на првата проверка во Крајова

Машката репрезентација на Македонија за играчи „Под 18“ години загуби од Романија на првиот од двата контролни натпревари закажани на гостински терен во Крајова.

РОМАНИЈА (У18) – МАКЕДОНИЈА (У18)        87:73

Домашната селекција направи голема предност уште во првата четвртина (29:15), која успешно ја одржуваше во продолжението од натпреварот.

На полувреметото резултатот беше уште повисок во полза на противникот (47:25), слично беше и по три одиграни четвртини, Романија водеше со сигурни (65:45).

Нашите најдобри минути беа последните десет во кои успеавме да симнеме добар дел од акумулираната негатива уште во овој стартен интервал од „контролата“ во Крајова (73:87).

Селекторот Горан Андреевски на овој натпревар не можеше да смета на услугите на капитенот Никола Јаничиќ, Стојановски одигра нешто повеќе од две минути, а со националниот тим не е нашиот стартер на центарската позиција Марко Луканоски, кој е префрлен во селекцијата „Под 20“ години, со која од утре вечер го почнува ЕП од Дивизијата „А“ во Полска.

Во отсуство на овие тројца кошаркари, Стојковиќ и Ќириловски реализираа по 18.поени, а двоен број на поени, 11, имаше уште Петровиќ.

Утре, од 14.часот, по локално време, двете јуниорски селекции на Романија и на Македонија ќе одиграат уште еден контролен натпревар, по што нашите млади кошаркари се враќаат во Скопје, каде ќе ги продолжат подготовките.