Јуниорската селекција на Македонија го одигра и вториот контролен натпревар на гостувањето за време на викендот во Крајова. Во доста подобра игра на нашиот јуниорски тим, особено во оној дефанзивен дел, по 40.минути игра славеа Романците, со минимални (82:80).
„Одигравме доста подобро на оваа втора ‘контрола’ во Крајова. Задоволен сум од прикажаното, особено во играта во одбраната. Во 90% во текот на играта имавме водство. Во текот на третата четвртина беше и двоцифрено. Она што треба да поправиме е играта во нападот, во кој забележавме доста технички грешки. Секако треба да се земе в предвид дека и на овој натпревар, поради висока температура, не можевме да сметаме на капитенот Јаничиќ, со нас во оваа фаза од подготовките го немаме ниту Луканоски, што носи промена во плановите за натпревар“- анализира кратко селекторот Андреевски по дводневното гостување во Романија.
На овој натпревар, Димитријев беше реализатор на 17.поени, Ќириловски и Петрушевски дадоа по 12, додека Стојковиќ постигна 10 поени.
По враќањето во Скопје, следува онаа последна фаза од подготовките за настап на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое од 26. јули до 4.август ќе се одржи во нашиот главен град.