28.07.2017

Пораз за јуниорите на стартот на ЕП

Нашите јунирски репрезентативци го стартуваа Европското првенство (дивизија б) со пораз. На првиот натпревар одигран на овој континентален собир, избраниците на Ѓорѓи Кочов запишаа пораз од 88-92 (19-26, 19-27, 32-16, 18-23) од Данска.

Данците се покажаа како доминантни на паркетот, барем така се чинеше во првиот дел од натпреварот. Негативата која требаше да ја стигнеме набрзо стана двоцифрена, а нашите јуниори се мачеа со шутевите од далечина на противникот. На полувремето бевме 15 поени ’во минус’ (38-53), но потоа следеше целосен пресврт. Што и да им кажа Кочов на своите кошаркари на паузата на полувремето вроди со плод во вториот дел од натпреварот. Со двојно повеќе постигнати поени во третиот период (32-16) успеавме не само да ја анулираме негативата туку и да го преземеме водството (70-69). Во последниот период водевме изедначена битка, но Данците имаа среќа во последните неколку минути. Двапати реализираа шутеви од далечина, кога ние имавме минимално водство и лесно го анулираа. Ново водство постигнаа преку линијата за слободни фрлања, кое го задржаа до крајот.

Следно за нашите јуниори е натпревар против Белгија, утре (29. јули) со почеток во 16:15.

СТРЕЛЦИ
Јордановски (11поени), Јанев (3), Крстевски (23), Панов (5), Стојановски (25), Михајлоски (9), Какруки (8), Темелковски (4)