11.02.2019

Посакуваме фер-плеј и одлична атмосфера!

Во комплексот Негорски Бањи денеска се одржа прес-конференција со која се најави завршниот турнир од Купот на Република Македонија. 

Градоначалникот на Општина Гевгелија, кој ги поддржа локалните клубови Кожув и Блокотехна во организацијата на турнирот ги пречека претставниците на клубовите и посака финале помеѓу клубовите кои се организатори.

Благодарност од мое име и од Гевгелија што сме почестени да се одржи Купот. Знам со сигурност дека ќе биде одлично. Два клуба имаме во Првата лига, единствен град што го има тоа. Верувам дека салата ќе биде исполнета до последното место. Посакувам локално финале Блокотехна - Кожув. Но, пред се, посакувам фер-плеј и добра кошаркарска атмосфера - потенцира Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашко Поцков.

Спортскиот Директор на МКФ, Владимир Темелковски, го предаде трофејот во трајна вредност на претставниците на МЗТ Скопје Аеродром, и посака да трибините бидат исполнети до последно место.

Одлучивме Купот да се игра во град кадешто има два клуба од Првата лига и воедно има и одлични услови. Кожув и Блокотехна ги презедоа сите обврски да се организира овој голем настан. Сите кои сакаат кошарка се добредојдени да присуствуваат на овој настан, со ова се мисли и на навивачите. Дека Гевгелија може да организира меч со две навивачки групи, се покажа на мечот со Косово на кој Македонија беше домаќин. Не гледам зошто да не се повтори истото сега. Кошарката се игра за навивачите, не се игра ниту за МКФ, за Градоначалниците, за тренерите, или други. Ако не сме спремни да ја рашириме магијата на кошарката до сите луѓе и до навивачите, тогаш за нас тоа е како пораз. - потенцира Спортскиот Директор.

ИЗЈАВИ:
Благоја Трифуновски, претставник ЖКК Вардар:
Женската кошарка нема многу публика, но се надевам дека на натпреварите ќе ја добиеме посакуваната поддршка. Ние сме бранители на тронот и ќе направиме се за да го одбраниме трофејот во натпреварувањето. Нема да биде воопшто лесно, но ветуваме максимум и голема борба.
Симона Деловска, играч ЖКК Вардар:
Работнички ќе биде наш прв ривал во Купот. Го познаваме добро ривалот, затоа што повеќето кошаркарки од таму лани играа за нас. Како што кажа нашиот тренер, ние ќе играме најдобро што знаеме и ќе се обидеме да го одбраниме Куп-трофејот. Тоа е нашата голема желба
Марјан Илиевски, тренер Блокотехна:
Гевгелија е кошаркарски град. Овој град заслужува вакви мечеви. Ќе биде тешко, но сакаме да го освоиме Купот. Иако против нас има екипа која има доста промени во играчкиот ростер, ние ќе играме максимално за да победиме. Сакаме да е ова кошаркарски празник
Горан Главчев, играч Блокотехна:
Некои велат дека сме имале среќа во ждрепката, но јас не се согласувам со тоа. Заслужено сме таму кадешто сме. Во Купот нема фаворити. Често пати знаел мотивот и инспирацијата во даден момент да биде пред квалитетот. Им посакувам среќа на екипите
Игор Михајловски, помошен тренер Работнички:
Куманово покажа дека е незгоден противник, играат агресивна кошарка и е тим составен од младост и искуство. Овој натпревар се игра на неутрален терен, шансите се 50/50 за полуфинале. Мора да покажеме респект. Работнички има проблеми со повредите, еден од најдобрите играчи Кире Николовски нема да игра поради повреда, исто и Ѓорѓи Чековски, кој се врати по долгомесечна пауза. Но, Работнички како шампион во лигата има обврска да го даде најдоброто од себе на овој Куп
Ѓорѓи Кочов, тренер МЗТ Скопје Аеродром:
Ние како МЗТ имаме обврска да победуваме на секој меч. Но, сите екипи кои се најдоа тука се квалитетни. Би сакал да побарам една добра игра од мојот тим, па нека победи подобриот. Што се однесува до распоредот и полуфиналето, Работнички е далеку, за да се стигне треба да го поминеме Кожув кој е домаќин и се засилија. Првата пречка е Кожув. Не жалиме што евентуално „вечно дерби“ е во полуфинале, за да победиш мора да ги победиш сите. За нас нема никакво значење
Дамјан Стојановски, играч МЗТ Скопје Аеродром:
Купот е чудно натпреварување, многу зависи од мотивот на играчите. Ќе се соочиме со тим кој има доста промени, нов тренер и нови играчи. Ние ќе почнеме како што знаеме, па ќе видиме што ќе биде
Александар Јончевски, тренер Кожув:
Верувам дека овој Куп ќе биде одлично организиран. Бевме сведоци на последниот настап на националниот тим. Не чека натпревар со МЗТ, имавме големи промени во ростерот. Потајно посакуваме да направиме изненадување Апостоли Апостолов, играч Кожув:
Кожув по пауза од една година пак е во Купот. Нема фаворити тука. Играме пред наши навивачи, се надевам дека ќе успееме да го изненадиме МЗТ и да ја израдуваме нашата публика
Марјан Србиновски, тренер Гостивар:
Купот е специфичен, не секогаш победува фаворитот. Не очекува дуел со Фени Индустри, екипа која е повеќе сезони заедно. Наше е да излеземе на терен и да се обидеме со нашиот максимум да дојдеме до посакуван резултат
Димо Тасовски, играч Гостивар: 
Би сакал да им посакам среќа на сите учесници. За мечот со Фени Индустри, го анализиравме ривалот. Сакаме полуфинале, ние гарантираме голема борба, а кој ќе победи - ќе видиме
Љупчо Малинков, тренер Фени Индустри:
Како што кажа и Србиновски, првиот натпревар е најтежок. Се надевам дека тактички и психички ќе издржиме. Имаме релативно подмладен тим
Јане Петровски, играч Фени Индустри:
Во Куп-мечевите одлучува мотивацијата. Работнички и МЗТ отскокнуваат од останатите учесници, но секогаш постои простор за изненадување. Фени секогаш има високи амбиции, прво го ставаме фокусот на мечот со Гостивар, којшто во последните неколку дена доби засилувања. Меѓутоа, сметам дека нашата екипа има свои адути во мечот. Очекувам коректна борба, голема посетеност и ова да биде еден празник за кошаркатата

 

КУП на РМ распоред
Ден 1. (15. февруари, 2019 година ПЕТОК)
26 април 13:00 Блокотехна – АВ Охрид (четвртфинале 1) (пренос на МОК ТВ)
26 април 15:15 Работнички - Куманово 2009 (четвртфинале 2) (пренос на МОК ТВ)
26 април 17:30 МЗТ Скопје Аеродром – Кожув (четвртфинале 3) (МРТ)
26 април 20:00 Гостивар – Фени Индустри (четвртфинале 4) (МРТ)

Ден 2. (16. февруари, 2019 година САБОТА)
Блокотехна НБ 12:00 Бадел 1862 – Струга 2009 (натпревар 1) (пренос на МОК ТВ)
Блокотехна НБ 14:15 Вардар – Работнички (натпревар 2) (пренос на МОК ТВ)
26 април 17:30 Полуфинале МАЖИ 1(победник четвртфинале 1 – победник четвртфинале 4) (МРТ)
26 април 20:00 Полуфинале МАЖИ 2(победник четвртфинале 2 – победник четвртфинале 3) (МРТ)

Ден 3. (17. февруари, 2019 година НЕДЕЛА)
26 април 14:30 Финале ЖЕНИ (победник натпревар 1 – победник натпревар 2) (МРТ Собраниски)
26 април 17:30 Финале МАЖИ (победник полуфинале 1 – победник полуфинале 2) (МРТ)