24.08.2020

Прославениот македонски стручњак не го заборави својот голем пријател...

Последен поздрав упати и Заре Марковски:„Ние губиме Цевка, ти само ќе одмориш од сите нас, ние не го заслужуваме твојот добар дух!“

За жал не можеше да биде во Скопје, да се поздрави со својот голем пријател, другар, со кој делеше многу убави, а многу помалку, оние „други работи“.

Прославениот македонски стручњак, Заре Марковски не го заборави својот, неговиот Цевка.

Неговите пишани зборови ги пренесе Борис Нешовиќ, уште еден голем пријател на Драган Василов-Цевка.

Првпут те сретнав, бе Цевка, а веќе беше легенда на Малите Олимписки Игри. Играше за ‘Вера Циривири’ и даваше колку сакаш кошеви, у саличето...

Бев за 29-ти, ама беше јасно дека си најак...

Се изнадава кошеви, бе Цевка, и во ЕМУЦ, Единство, Борец, Алумина, нека ми прости некој клуб и тренер што имаше чест да те користи, ако заборавив некого што го усреќила соработката со тебе...

Беше секогаш спремен да се вратиш у Работнички, од каде што дојде и до 16-те бившо-југословенски јуниори, од каде што секое следно заминување ти беше се потрауматично, поради необјасниво невозвратената љубов и невоспитано заборавање на примерно извршените должности...

Сите ние за тебе бевме твоето кошаркарско семејство, бе Цевка, бидејќи во името на кошарката бараше придонес од секого, колкав и да е...

Неретко доаѓаше до оправдано разочарување кај тебе, ама поради кошарката, секогаш, експресно го преболуваше, а јас се восхитував на твојата добронамерност кон се и кон секого...

Твоето прекрасно семејство е слика на твоето постоење, Цевка, а тагата е уште поголема што нема да можеш да најдеш задоволство и натаму да се грижиш за нив, бидејќи грижата кон твоите и кошарката, за тебе беше смисол на твоето постоење...

Ние Губиме, Цевка, ти само ќе одмориш од сите нас, што не го заслужуваме твојот добар дух“.