08.03.2020

ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ОД 17. КОЛО СЕ ИГРА ВО АЕРОДРОМ: МЗТ ја чува предноста пред конкуренцијата?

МЗТ Скопје има комотна предност, која сака да ја потврди против незгодниот состав од Кавадарци кој бара изненадување во Аеродром.

 

Ова 17. коло ќе биде затворено со вечерашниот дуел (од 19.часот) во СЦ „Јане Сандански“, каде помалку заморениот тим на МЗТ Скопје Аеродрон го пречекува кавадаречки Еуро Никел 2005.

Дуел во кој со евентуален триумф шампионот и дефинитивно ќе ја потврди позицијата број 1 во оваа прва фаза од Првата лига. Ќе остане на онаа предност од два бода, и тоа како значајна во пресрет на наредната-суперлигашката.

Тоа се и мотивите на „сино-белите“ кои во овој меч влегуваат по уште еден непријатен пораз за нив во АБА 2 конкуренцијата донесен од гостувањето во Нови Пазар.

Од друга страна пак конкуренцијата, екипите на Работнички и Гостивар, реализираа победи во овој круг на натпреварите и во овој момент излегоа пред Еуро Никел 2005 на табелата.

Сосема доволно за кавадарчани да пробаат да изненадат вечерва во „Јане Сандански“.

„Очекувам еден неизвесен натпревар во кој екипата на МЗТ Скопје е фаворит. Но ние нема да се предадеме. И ќе гледаме секоја шанса која ќе ни се пружи, да ја искористиме. Штета е што нема публика. Но што е тука е. Очекувам фер и коректна игра, па нека победи подобриот“- вели шефот на струката во Еуро Никел 2005.

МЗТ Скопје Аеродром, што е доста важно, во комплетен состав го дочекува овој натпревар во кој како противници, но само на теренот во овие 40.минути се и двајцата асистенти во стручниот штаб на нашиот национален тим. Горан Самарџиев на едната и Ѓорѓи Кочов на другата страна од теренот.       

 

„Ова е меч во кој, сигурен сум,  моите играчи ќе бидат максимално подготвени. И дека ќе дадеме се од себе да го одбраниме домашниот терен. Еуро Никел 2005 има доста искусен ростер. И сите сме свесни дека навистина мораме да бидеме на нивото на задачата за да стигнеме до победа која и тоа колку многу ќе ни значи за она што следува- Суперлигата“- потенцира тренерот на домашната екипа, Ѓорѓи Кочов, пред овој натпревар со кој се затвора 17.коло од шампионатот.

 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 17.КОЛО

Академија ФМП – Кожув          83:73
Работнички – Вардар     81:76
Пелистер - МЗТ Скопје Уни банка      83:77
Куманово – Гостивар      79:91

НЕДЕЛА:

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 (МРТ)
Сала СЦ „Јане Сандански“- Скопје