21.12.2019

ПОСЛЕДНО ПРВЕНСТВЕНО КОЛО ОД 2019 ГОДИНА: Гостивар нагоре – Работнички надолу

Иако во неколку наврати му дозволија на противникот да го стигне нивното убедливо водство, на крајот кошаркарите на Гостивар слават убедлив триумф (93:79), против Работнички.

 

Иако имаше „стани-падни“ ситуации и тоа на двете страни од игралиштето, на крајот, кошаркарите на Гостивар стигнаа до убедлива победа против Работнички

ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ         93:79

(27-20; 20-21; 21-21; 25-17)

За разлика од некои други натпревари, на овој Ренато Димитриески беше „икс фактор“ за Гостивар. Едноставно доста често ја поминуваше одбраната на Работнички, и заедно со опоравениот Доналдсон, беше креатор на убедливото водство кое гостиварци го стекнаа во третиот период од играта (65:51).

Сепак, иако имаа плус од 14.поени, до истекот на четвртината загубија добар дел до него. Во последната се влезе со и тоа како достижни (68:62) во корист на домашната екипа.

Видлив пад беше присутен во играта на тимот кој го предводи Марјан Србиноски. По тројката на расположениот Мијатовиќ, по три минути игра во четвртиот период тимот од „Градски парк“ беше на минус од само два поени, (71:73).

Но трите тројки во серија, на Џелетовиќ, Костоски, и на Димчевски, го однесоа домаќинот кон „добитната комбинација“. Поточно, до ново дцоцифрено водство (84:73), кога останаа да се доиграат 4:23 минути.

Но тука не беше крајот, уште еднаш се обидоа гостите од Скопје да се вратат во игра за победа. Се спуштија и на (79:84). Само за кратко, затоа што гостиварци беа подготвени да го зададат завршниот удар.

Имаа се што треба за успех. Освен Димитриески, и стандардно добриот Доналдсон (стрелец на 25.поени, плус и десет скока и седум додавања), Србиноски го дочека и враќањето на Костоски, кој освен десетте поени додели и седум асистенции. Но и ново одлично издание на Џелетовиќ, филувано со 21.реализација и 8.скока, а „двоцфрен“ беше и Димчевски.

Кај Работнички, кој ја прекина серијата на победи, се одвои Лесколт, кој ги одигра сите 40.минути во кои постигна 25.поени. Мијатовиќ закоши на бројката 16, а Ефремоски и Николовски пак дојдоа до 12.поени.

По 11. одиграни рунди, Гостивар е на делба на второто место, и ефект (8-3). Работнички ја завршува годината 2019-та со еден пораз повеќе (7-4).

Комплетната статистика ТУКА

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     80:93

(23-28; 24-15; 18-28; 15-22)

Изненадувачки, доста неизвесно беше на дуелот помеѓу „МЗТ Скопје-1“ и „МЗТ Скопје-2“. Најмногу поради храбрата игра која ја прикажа втората, односно помалку искусната екипа на клубот од Аеродром.

Особено тоа се однесува на првото полувреме во кое младите „металците“ дури и водеа. По 20.минути беше (47:43), за тимот кој го предводи Горан Крстевски.

Доволен сигнал за неговиот колега на другата страна на теренот, Ѓорѓи Кочов, да ги натера своите кошаркари да заиграат многу поангажирано.

Така и беше во третиот дел од играта во кој дојде очекуваниот резултатски пресврт. МЗТ Скопје Аеродром поведе со (57:55), по 24.минути играње во СЦ „Јане Сандански“. И тоа водство повеќе не го испушти.

Дамјан Стојановски доби целосен одмор, остана на клупата за резервни кошаркари, Хиндс беше на трибините, а четворица играчи од стартна петорка отидоа на двоцифрен скор. Најмногу, 22.поени даде Ерон Херис, Милошевиќ 19 (и 12.скока), Маслинко 16 (плус осум скока), а Магдевски уште 15. поени.

Кај „домаќините“, Волкановски уфрли 19.поени, а Мамузиќ и Исајловски по 11.

Комплетната статистика ТУКА