23.12.2019

Потег на колото во АЦБ лигата во изведба на Македонецот: Генијалниот  Димитријевиќ

А за 18.минути во игра, реализираше и 11.поени...

 

Ненад Димитријевиќ и неговиот Хувентуд не успеаја да ја изненадат фаворизираната Барселона. Добро играа „зелено-црните“ во првото полувреме од дербито на Каталонија. Но немаа сили да се одбранат во второто. На крајот, тимот од „Блауграна“ славеше со убедиви (95:80).

Сепак, потегот на вечерта, а можеби и на првиот дел од АЦБ лигата го имаше Ненад Димитријевиќ.

Нашиот млад кошаркар отвори еден контра-напад, а потоа со еден неверојатен потег кого шпанската јавност го опиша како генијален, ја „измрда“ комплетната одбрана на Барса, и лесно поентираше покрај вчудоневидениот Малком Дилејни - линк

Тоа беше еден од оние 11. поени кои за 18.минути ги реализираше бекот на Хувентуд на дербито. Имаше одлична реализација од поле (4/6) и максимална од линијата за слободни фрлања (3/3). Плус по два скока, две асистенции, една освоена и четири загубени топки.

По 14.одиграни кола, Хувентуд падна на седмата позиција на табелата во АЦБ лигата.

*Добра игра, но исто така без краен ефект прикажаа и Шејн Витингтон и неговиот Реал Бетис на гостувањето во Билбао.

Загубија со (69:75), со мал ефект од Американецот со македонски пасош. За девет минути во игра, високото крило реализираше само два поени (од линијата за слободни фрлања), исто толку скокови и една освоена топка.

Со скор (3-11), тимот од Севиља е на последното место на табелата во Ендеса лигата.

*По Лак Ортез се врати на победничките патеки во француската ЛНБ лига. Секако, со помош на Војдан Стојановски, кој беше дел од стартната петорка во дуелот со Шалон кој го добија со (92:86).

Капитенот на македонскиот национален тим одигра 18.минути. Реализираше седум поени (1/4 за три, 0/2 за два, и 4/4 за еден поен), три скока, две асистенции и една освоена топка.   

По 15. кола и ефект (6-9), екипата од По е на 10.место на табелата.

*Вториот наш репрезентативец во Франција, Стојан Ѓуроски ја немаше таа среќа. На свој терен Евре загуби убедливо од Кимпер (70:86). Но без помошта на високото крило кој не беше во составот на домашната екипа која сега заостанува на табелата. Со скор (4-7) е на делба на 13.позиција.

*Предраг Самарџиски и Самсун запишаа уште еден неуспех во турската Втора лига. Загубија на гостински терен од Финалспор со (74:84).

Екс-репрезентативецот остана на теренот дури 39.минути. И притоа дојде до дабл-дабл ефект изразен преку 12. поени (4/8 за два и 4/6 за еден поен),  десет скока, три асистенции и четири загубени топки.

Самсун останува на една победа, а сега има 11. порази.