Екипите на Куманово и на ТФТ го дознаа и својот последен ривал во првата фаза од новата сезона од БИБЛ лигата.
Тоа е Теодо, екипа која доаѓа од Црна Гора, и која се враќа во ова натпреварување по пауза од неколку години, а каде настапуваше пет сезони.
Тимот од Тиват ќе им се придружи на нашите претставници, екипите на Куманово и на ТФТ, двете екипи од Бугарија, Берое и Пловдив, и нивните сонародници од Рожаје, екипата на Ибар.
Овие шест екипи ќе одиграат десет кола во првиот дел од лигата, по кои првопласираните четири од таа група „Е“ ќе продолжат во оној втор дел во кој ќе бидат вклучени и два клуба од Израел, кои ќе ги поминат октомвриските квалификации.
Новата сезона во БИБЛ конкуренцијата, стартува токму со оваа „израелска“ група.
На 13. октомври, ќе ја отворат екипите на Хапоел Хаифа и Бнеи Херцлија. Истиот ден ќе играат и: Макаби Ришон Ле Зион-Хапоел Ерусалим, Хапоел Галил Гилбоа-Макаби Хаифа и Ирони Нес Зиона-Хапоел Тел Авив.