16.06.2022

Стартуваме со Турција, завршуваме со Романија...

Познат распоредот на натпреварите на турнирот во Едирне

Двете наши национални селекции „Под 14“ години, утре изутрина патуваат за Едирне, каде во периодот од 17.до 22. јуни ќе биде реализиран петтиот и последен дел од проектот „Заедно до М16“.
Секако со одигрување на последниот круг, кој со себе носи уште по четири натпревари за машката и за женската национална селекција на играчи родени 2007 година и помлади.

Според календарот, нашите селекции ќе го стартуваат турнирот со двомечот против домаќинот на овој собир-Турција. На 18. јуни, од 16 часот (по локално време), ќе игра селекцијата која ја предводи Јасмина Герасимовска, два часа подоцна ќе играат машките, под водство на селекторот Александар Јованчев.

По еден ден предвиден за одмор, на 20. јуни, од 14. часот следува дуелот Македонија-Бугарија во женскиот сегмент, а од 16. часот ќе играат двете машки селекции.

На 21. јуни,нашите две селекции ќе  разигруваат против соодветните селекции на Косово (од 12, односно од 14. часот), додека двогодишниот циклус од овој ФИБА проект „Youth Development fund project“, ќе го затвориме на 22. јуни, кога од 10, односно од 12. часот, ќе играме против репрезентациите на Романија.