22.03.2021

По одигрувањето на двата „балони“ во Саламанка и Шопрон, формирана е финалната „четворка“

Познати финалистите во ФИБА Евролигата во женска конкуренција

Познати се четирите екипи кои ќе се борат за трофејот во најсилното женско клупско натпреварување на Стариот континент, ФИБА Евролигата.

По турнирите во Саламанка, односно Шопрон, за место во „финалните четири“ се изборија екипите на Фенербахче, Перфумериас Авенида, Шопрон Баскет и УММЦ Екатеринбург.

Бранителот на титулата, УММЦ Екатеринбург ја продолжи импресивната низа од 14.по ред учества на „Фајнал 4“, откако беше подобар за 48.поени во двомечот со Динамо Курск.

По трет пат во завршницата е унгарскиот Шопрон, кој во двата меча од четвртфиналето беше подобар од францускиот Асвел.

По пауза од десет години за трофејот ќе се бори и екипата на Перфумериас Авенида која излезе како победник во шпанските дуели со екипата на Спар Џирона.

Во улога на дебитант на финалниот турнир е екипата на Фенербахче, која во градската пресметка го победи Галатасарај со вкупни (152-145).

Во полуфиналето од завршниот турнир (16-18.април), чије место на одигрување ќе биде дополнително одредено, ќе се сретнат УММЦ Екатеринбург и Фенербахче, односно Перфумериас Авенида и Шопрон Баскет.