05.08.2022

Номинирани судиите и делегатите за евро-квалификациските средби на сениорите со Данска и со Словачка

Познати официјалните лица за августовскиот ФИБА „прозорец“

Судискиот департмент на Светската кошаркарска федерација ги одреди официјалните лица за натпреварите на нашата машка сениорска репрезентација во овој ФИБА „прозорец“.

Поточно, оној августовскиот во кој се предвидени два натпревари од „Д“ квалификациската група од втората рунда на претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Средбата Данска-Македонија која на 25 август се игра во Нествед, ќе ја суди тројката: Танел Суслов (Естонија), Чан Мавису (Турција), и Франциско Арања (Шпанија), а во улога на делегат е Александер Фасен од Холандија.

Три дена подоцна, на 28.август, во Скопје, нашата селекција ја пречекува Словачка, во натпревар на кој ќе арбитрираат Чиприан Стоика (Романија), Озлем Јалман (Турција) и Александр Деман (Франција), а делегат е Албанецот Ставри Бело.

Инаку, августовси обврски имаат и дел од нашите интернационалци со знакот на ФИБА.

Владо Цветковски како делегат, а Зоран Митровски како прв судија, ќе бидат дел од официјалните лица на средбата Бугарија-Кипар која е закажана за 25. август во Арената „Самоков“ во истоимениот град.