21.11.2019

Предизвик е да се игра против постари и поискусни играчи

На вториот квалификациски натпревар, оној во Скопје, против селекцијата на Летонија, беше најефикасната наша кошаркарка. Но оние 11реализации против силните Летонки, не ја радуваат премногу Илина Селцова.

За актуелната кошаркарка на Ратгебер Академијата многу поважен е оној краен ефект, заедничкиот. За жал, далеку од идеален за нашиот сениорски состав, (пораз од Естонките изразен со голема негатива).

Поранешната кошаркарка на Бадел 1862, во ноември, 2017 година, за првпат се најде во овој сениорски состав. Но иако беше во тимот на селекторот Марјан Лазовски, не ги доби првите „сениорски минути“.

Наредната година беше „тука некаде“, ја чекаше својата шанса.

Одново се најде на оној поширок список. Одличните изданија во онаа младинска конкуренција го натераа селекторот да ја врати назад, меѓу сениорките.

Тоа толку очекувано деби се случи оваа година, во мај, во Белград, против бронзената европска селекција на Србија.

Сосема доволен простор за новиот предводник на нашата женска сениорска репрезентација Владимир Ѓоровиќ да испрати повик до Селцова за настап во овие квалификации за ЕП 2021 година.

Дуелите со Германија и со Летонија, оваа 17. годишна кошаркарка ќе ги памети и по тоа дека доби и најголема минутажа од сите повикани во ноемврскиот циклус од квалификациите за Евробаскетот.

Против Германките остана дури 37.минути на теренот, во Скопје пак играше три помалку.

„Прв настап за репрезентација ми беше во Романија со јуниорките во 2016 година и после тоа отидов на Slovenia Ball. Разликата да се игра против многу постари и поискусни играчи, во сениорскиот состав, како предизвик за мене беше многу голем. На почетокот имав трема, но ја совладав со помош на соиграчите и тренерите и се чувствував среќна што ја добив таа шанса и доверба од тренерот. Пред официјалниот настап, сите ме советуваа да дадам сè од себе за што подобар колективен успех на репрезентацијата“.

 

Ова беа и првите официјални натпревари за Илина во дресот на националниот тим, секако, оној сениорскиот.

Доволно за уште поголем потстрек за она што следува за Илина во наредниот период. Како на клупски, така и на репрезентативен план.

„Ќе продолжам уште во Унгарија, а желба ми е да заиграм во Евролига. Овде многу се работи, се тренира индивидуално со играчите, се посветува многу внимание и условите за сето тоа се одлични“.