06.03.2020 По обновената препорака од Владата на РСМ до сите спортски институции, натпреварите во периодот до 13. март 2020 година да се играат без присуство на публика, раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија донесе одлука дека сите натпревари кои се во организација на федерацијата и понатаму да се одиграат без присуство на публика. Претходно, на редовниот состанок со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбата со корона вирусот беше предложено Владата да ја продолжи препораката за неодржување на јавни масовни собири и спортски натпревари без публика, до 13 март. „Препораката да не се одржуваат масовни собири, како и големи спортски натпревари, на коишто очекуваме луѓе од странство, да се одржуваат без публика и да се продолжи уште една недела, до 13. март - следниот петок. Оваа мерка доаѓа како резултат на тоа што бројот на заразени лица во Европа континуирано се зголемува“- информираше министерот за здравство во Владата на РСМ, д-р Венко Филипче.