Машката сениорска репрезентација на Македонија слави голема победа над директниот конкурент за првото место во „Д“ групата од вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2025
Во прекрасен амбиент во салата „26.април“ во Гевгелија, ја задржавме Норвешка на неверојатни 36.поени, дадовме 58, па сега имаме скор од три победи во три натпревари, и прво место во групата во пресрет на следниот предизвик.
Закажан за недела навечер, во исто време, на исто место, со еден сличен противник – Данска.
МАКЕДОНИЈА – НОРВЕШКА 58:36
Одлично, пред се дефанзивно прво полувреме одиграа нашите најдобри кошаркари. Го сведоа противникот на само 18. реализирани поени за 20.минути во полната сала „26.април“ во Гевгелија.
Најавата за добрата игра нашите кошаркари ја испратија уште во првиот период. Она што не успеваа избраниците на селекторот Александар Јончевски во нападот го „компензираа“ со фанатична игра во одбраната.
Офанзивно настроената Норвешка селекција беше запрена на само 11. реализации. Ние имавме пет повеќе, за солидно водство од (16:11) на истекот на првата четвртина.
Во исто темпо продолживме и во вториот период од играта. Оној во кој „црвено-жолтите“ едноставно не му „дадоа да дише“ на противникот.
По 16.минути игра, Крстевски ни го донесе првото двоцифрено водство (26:15). Наредните поени гостите ги реализираа во 19.минута. Но само за да ја сопрат нашата серија, која и нè донесе до највисоки (32:15), за одличното издани да го затвориме со слични (34:18).
Стартната петорка реализира најголем дел од замислите на стручниот штаб. Капитенот Стојановски реализира девет поени, Ѓуроски имаше осум, Ти Џеј Шортс еден помалку, а Крстевски уште четири.
Не попуштивме ниту по одморот, напротив...
Дефанзивата го имаше главниот збор и во продолжението на играта. Звучи неверојатно, но крајно вистинито. Селекцијата која пред некој месец на Данска и даде 20. тројки, во Гевгелија не успеа да реализира ниту една.
Имаа сериозна пречка пред себе норвешките кошаркари. Едноставно, нашата одбрана делуваше перфектно, како ретко кога во последно време.
„Шаховската партија“ донесе 22.поени, по 11 на двете страни во третата четвртина од играта. Доволно Македонија да го држи креираното до полувремето (45:29).
Не попуштивме ниту во последната четвртина од овој исклучително важен меч. Во нападот, поентерски се отвори и Крстевски, кој заедно со капитенот Стојановски завршија со по 14. реализирани поени. Високото крило додаде и десет скока, уште еден параметар во кој бевме далеку подобри од Норвешка.
Сите 12. кошаркари кои влегоа во игра, дадоа свој придонес во третата по ред победа, во која учествуваше и натурализираниот Македонец, Ти Џеј Шортс, со осум поени, и исто толку асистенции.
Доволно уште повеќе да го отвориме патот кон oние вистински квалификации. Имаме три победи во исто толку натпревари.
Во недела навечер, повторно во Гевгелија, ќе ја напаѓаме и четвртата во овој втор ФИБА „прозорец“’ од европските претквалификации.