13.11.2022

Вечерва (19.часот), атакуваме на уште еден претквалификациски триумф, против вториот скандинавски противник во групата...

ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025: Во Гевгелија решаваме уште една „скандинавка“, овојпат данската!

Македонија одговори на првиот предизвик откако пред неколку дена дојде во Гевгелија, на крајниот Југ во нашата земја, нашите најдобри кошаркари ја поминаа првата пречка од Скандинавија.

А вечерва, во исто време, 19.часот, на исто место, во салата „26.април“ во Гевгелија, „црвено-жолтите“ ќе треба да ја материјализираат и гостинската победа реализирана на стартот од претквалификациите на оној натпревар одигран во Нествед,

Пред себе избраниците на селекторот Александар Јончевски ја имаат не толку мотивираната Данска, селекција која во изминатите три натпревари реализира исто толку неуспешни игри.

Но тоа не треба да ги залаже нашите кошаркари во обидите да се продолжи победничката серија во друштвото во кое се уште и селекциите на Словачка и на Норвешка.

Стојан Ѓуроски беше еден од најдобрите во нашиот состав против Норвешка, и во едно победничко расположение заедно со соиграчите го дочекува дуелот со Данска:

„Одигравме како што се договоривме, особено во одбраната каде ги сопревме нивните најдобри играчи. Мислам дека оваа победа е многу битна за нас, затоа тоа што следи во недела, и секако ни помага на оној, психички план за натпреварот со репрезентацијата на Данска“.

Знае искусното крило дека Данска не е нималку наивна екипа, без оглед на тоа што во Гевгелија дојде без својот најдобар кошаркар, Габриел Лундберг?

„Селекцијата на Данска е доста јака, и доста е агресивна. Во таа насока гледано, ние ќе мора да им парираме со агресивна игра во одбраната. Се надевам дека исто како и на претходниот натпревар, оној со Норвешка,  салата во Гевгелија ќе биде преполна, затоа што таа нивна поддршка ни значи премногу, особено во тешките моменти, кога работите не одат како што треба“- смета еден од творците на успехот со другата скандинавска репрезентација која претходно гостуваше во Гевгелија.

Бојан Крстевски беше во ист ранг како и Ѓуроски, особено во моментите кога ја правевме високата предност, која е доста битен елемент во квалификациските натпревари.

„За нас дуелот со Норвешка е веќе архивиран. Прикажавме една одлична игра во одбраната,  добро ги изолиравме нивните бекови, испочитувавме се што беше договореном и сето тоа заедно ни донесе резултат, значајна победа, трета за нас во досегашниот дел од претквалификациите.

Претходно, со Данска на нивниот терен во Нествед, игравме еден тврд и неизвесен натпревар. Станува збор за одлична екипа добро покриена на сите позиции. Јас лично очекувам да бидеме на нивото од мечот со Норвешка. Пред се, во одбраната, и повторно, пред полни трибини да дојдеме до посакуваната победа која ќе не остави на првата позиција на која сакавме и да останеме по овој ноемвриски ФИБА ‘прозорец“– вели силното крило на нашата најдобра селекција, која во пресрет на овој натпревар е единствената со максимален ефект, три победи во три натпревари.

Вечерва посакуваме уште еден, за зацврстување на лидерската позиција во групата „Д“ од вториот претквалификациски круг за Евробаскетот во 2025 година.

ВТОРА РУНДА - ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ 2025

ГРУПА Д

ДВОЈКИ 4. КОЛО - ДЕНЕСКА:

18.00: Норвешка - Словачка

19.00: МАКЕДОНИЈА – Данска

ТАБЕЛА

1.МАКЕДОНИЈА    3          3          0          210:181        6

2.Норвешка 3          2          1          222:201        5

3.Словачка  3          1          2          217:236        4

4.Данска      3          0          3          215:246        3

ГРУПА Е

ДВОЈКИ 4. КОЛО - ДЕНЕСКА:

17.05: Австрија – Швајцарија

20.00: Хрватска – Полска

ТАБЕЛА

1.Хрватска   3          3          0          256:197        6

2.Полска      3          2          1          239:191        5

3.Швајцарија         3          1          2          191:227        4

4.Австрија   3          0          3          194:265        3

ГРУПА Ф

ДВОЈКИ 4. КОЛО - ДЕНЕСКА:

15.00: Кипар – Бугарија

18.00: Португалија - Романија

ТАБЕЛА

1.Португалија        3          3          0          265:206        6

2.Бугарија   3          2          1          250:215        5

3.Романија 3          1          2          200:224        4

4.Кипар        3          0          3          189:259        3