Неверојатни две четвртини одигра нашата машка сениорска репрезентација на вториот натпревар од „балонот“ во Скопје, против селекцијата на Словачка.
Ако во првата остваривме предност од (22:10), во онаа последната го „убивме“ противникот во поим. Со серија од (20-0) ставивме крај на осцилациите во втората односно третата четвртина. За голем, важен триумф...
СЛОВАЧКА – МАКЕДОНИЈА 47:69
Имавме одличен почеток на овој натпревар. Стартниот центарски двоец Крстевски и Трајковски имаа по шест поени, Стајиќ уште два, за водство од (14-5). По двете атракции на Вајли водевме и со (18:8), за тој одличен уводен дел го затвориме со исто така двоцифрени (22:10), и ново забивање од „Летечкиот Џејкоб“.
Силното крило ја донесе толку посакуваната енергија во играта на нашиот тим, особено во фазата на нападот. Затоа, за неполна минута од втората четвртина, имавме плус 17 (27:10).
Недолго потоа имавме и двојно повеќе поени во однос на противникот (34:17). Но во вториот дел од втората четвртина ја загубивме концентрацијата во нападот. Словаците реализираа серија од (7-1), па на полувремето Македонија имаше нешто пониска позитива - (35:24).
Трајковски имаше девет реализации, Вајли една помалку, Крстевски и Николов по шест во првиот дел од играта во кој реализиравме скоро со 42% во шутот за три поени (5/12), но, што е особено важно, имавме дури десет додавања повеќе во однос на противникот (12 спрема 2).
Но по одморот, ја загубивме играта во нападот. Тешко доаѓавме до поени. Словачка сериозно се приближи. На 2:46 до крајот на третиот период имаше плус 4 - (40:44), кога селекторот Бајиќ мораше да реагира со тајм-аут.
Вајли со положување го прекина тој празен поентерски дел. За на истекот на четвртината да имаме иста предност (46:42).
Долго време ја баравме играта од првата четвртина. Се чини дека ја најдовме на почетокот на последниот период. Вајли отвори серија од (8-0) која со две тројки на продолжи Мекиќ, за сигурни (54:42) реализирани во минута и половина.
Ја продолживме серијата на (13:0), се вративме на онаа „почетна предност“. Имавме (59:42) на шест минути пред крајот.
Но тука не беше крајот на таа рапсодија во црвено. Дотуркавме и до (20-0) за (65:42), најава за прва победа на турнирот, каде утре е слободен ден.
А потоа го почнуваме вториот дел, уште два круга, против истите ривали, прво Швајцарија, потоа Словачка.
А и со публика е сепак многу полесно!