Најдобрата машка репрезентација на Македонија со пораз го стартуваше претквалификацискиот турнир за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.
Во натпревар со „мали бројки“, подобро се снајде селекцијата на Швајцарија која стигна до премиерна победа на „балонот“ во Скопје.
МАКЕДОНИЈА – ШВАЈЦАРИЈА 62:67
Швајцарија подобро го отвори натпреварот во СЦ „Јане Сандански“. За три и пол минути креираше водство од (9-2) кое го натера селекторот Бајиќ на ран тајм-аут. Но со серија од (8-0) во која Крстевски даде пет, а Магдевски три поени, го преземавме водството (10-9), за реакција од клупата на Швајцарија.
Двете селекции уште по еднаш го разменија водството, но по третата тројка на Ковач, на првиот „мал одмор“ гостите заминаа со пет поени позитива (22:17).
Доста тврдо и неефикасно се играше во продолжението на премиерниот натпревар на „балонот“ во Скопје од „Ф“ претквалификациската група. Тешко „паѓаа кошеви“ и на двете страни од теренот. Само девет поени на двете страни за повеќе од пет минути игра од втората четвртина.
Уше еднаш, Швајцарија се одвои, сега на двоцифрена предност. Имаше плус 11, (33:22) во 17.минута од играта.
По поентирањето на Магдевски, со звукот на сирената за истек на првото полувреме, Швајцарија имаше десет поени вишок (35:25).
Онаа подолга пауза не донесе некои големи промени, ниту во играта, ниту во резултатот.
Го подигнавме нивото на агресивност во одбраната, но имавме проблеми со реализацијата.
Сепак, ако во првото полувреме го имавме Крстевски, во второто, во нападот се „отвори“ Мекиќ, по чија тројка намаливме на (40:46). Магдевски погоди и за уште пониски (42:46). Но најдобриот противнички играч, Казади погоди за три и постави (42:49) на влезот на последниот период.
По втор пат на мечот се вративме во игра за добитна комбинација откако Николов, од корнер, погоди тројка, за да се доближиме на само четири поени негатива (51:55).
Но Швајцарците најдоа одговор, погодија две тројки во серија за ново одвојување, сега на 65:55), кога останаа да се доиграат 2:45 минути. Премалку за нашиот соства да се обиде да направи комплетне пресврт.
Во второто коло од турнирот, утревечер од 19.часот, се среќаваат селекциите на Словачка и на Швајцарија, Македонија е слободна.