26.02.2023

Вечерва (18.часот) во Осло, и мечот со Норвешка, ја бараме победата која води до директен пласман во квалификациите за ЕП

ПРЕТКВАЛИФИКЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025: Сами сме кројачи на својата судбина

Машката сениорска репрезентација вечерва во Осло, го игра последниот шестти натпревар од вториот претквалификациски круг за пласман на Евробаскетот 2025 година.

Противник на нашите најдобри кошаркари во обидот да го одбраниме првото место во групата „Д“ во овој трет и последен ФИБА „прозорец“, ни е селекцијата на Норвешка.  

Тим кој пред некоја вечер загуби на гостувањето во Нествед, каде подобри од нив беа кошаркарите на Данска, и кој со тој пораз ги загуби и теоретските шанси во битката за првото место, она кое директно води во квалигикациите за наредниот Европски шампионат.

Би се рекло нешто полесна задача за нашите најдобри кошаркари. Но познавајќи го менталитетот на Скандинавците, борбен пред се, тоа веројатно нема да значи многу во пресрет на последните 40 минути во овие претквалификации.

Добро паметиме и тоа што се случуваше пред некој месец во Гевгелија, кога вечерашниот ривал го оставивме на скор од само 36 дадени поени, што е вистински кошаркарски раритет. „Збогатен“ и со уште еден фрапантен податок кој вели дека Норвежаните не дадоа ниту една тројка, „видливо“ и на крајниот резултат.

Но како што вели селекторот Александар Јончевски, овие два факти не треба да значат ништо. Секој натпревар е посебна приказна, особено што овој е и одлучувачки за нашите амбиции кои се граничат со место меѓу селекциите кои ќе се борат за учество на наредниот Евробаскет.  

„Ја испуштивме првата можност, во Левице имавме свои шанси, не ги искористивме. Си ја отежнивме работата, со оглед на тоа дека загубивме за прв пат во овие претквалификации. Но реков и тогаш по завршувањето на натпреварот дека најважно од се е дека сепак се зависи само и исклучиво од нас. Сами си ја кроиме својата судбина, и гледаме само како ќе одиграме против Норвежаните“ – вели Јончевски пред мечот во Арената „Нордстранд“ во Осло.

По пет одиграни кола, Македонија е прва на табелата во групата „Д“, (скор четири победи и еден пораз), пред Словачка која заостанува една победа (3-2), и која во последниот круг на натпреварите има гостување во Данска.

Интересно, овој натпревар, кој се игра во Нествед, стартува од 15.30 часот. Исто така важен ако се земе во предвид дека противник на Данска е нашиот единствен конкурент, селекцијата на Словачка. Исходот на овој меч има директно влијание на конечниот пласман, пред сè на Словаците.

Победа на Данска, која ќе ја брани својата чест и се надева на втора победа, ќе значи и пласман на Македонија во евро-квалификациите, но останува она дека нашите момци имаат се во своите раце – и треба да одиграат добро, и по втор пат во овој циклус, да ја совладаат Норвешка.

ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

ГРУПА „Д“

ДВОЈКИ 6. КОЛО

ДЕНЕСКА:

15.30: Данска - Словачка

18.00: Норвешка – МАКЕДОНИЈА

ТАБЕЛА

1.МАКЕДОНИЈА    5          4          1          357:334        9

2.Словачка  5          3          2          367:365        8

3.Норвешка 5          2          3          339:330        7

4.Данска      5          1          4          355:381        6