23.05.2023

обновен договорот со клиничката болница „Аџибадем Систина“

Претседателот Антиќ и капитенот Стојановски во „Аџибадем Систина“: Болницата останува партнер на македонските кошаркари

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и Македонската кошаркарска федерација го продолжија договорот за спонзорство, соработка што трае веќе една година. Со ова практично болницата со сите свои ресурси продолжува да се грижи за здравјето на играчите од машката и женската сениорска репрезентација, како и од младинските кошаркарски репрезентации. Продолжувањето на соработката, која во изминатата година се покажа како исклучително важна за нашите спортисти, е вредност и за „Аџибадем Систина“, која како врвна здравствена установа е посветена на здравјето, на унапредувањето на спортските вредности како клучни за државата и општеството.

Договорот за спонзорство беше продолжен денеска, а во посета на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беа претседателот на кошаркарската федерација Перо Антиќ и капитенот на нашата репрезентација Војдан Стојановски. На голема радост на дечињата што се лекуваат во болницата, тие им дадоа дресови и топки со свои автограми.

Проф. д-р Игор Кафтанџиев медицинскиот директор на „Аџибадем Систина“ вели дека оваа соработка е важна затоа што промовира вредности на кои болницата е силно посветена.

„Ја продолжуваме соработката со надеж дека ова е еден влог во нови успеси за нашите спортисти. Нашата здравствена установа е лидер во превенција и третман на спортски повреди, а сите спортски прегледи на репрезентативците се одвиваат во првиот најмодерен спортски центар Премиум спортски центар. Ова е исклучително важно и за нив и за нас“, изјави Кафтанџиев.

Премиум спортскиот центар е најсовремениот и најмодерно опремен центар за здрав живот во земјава, кој на едно место нуди комплетна интегрирана грижа за здрав живот – физикална медицина и рехабилитација, нутриција, а во него работи докажан тим доктори, физиотерапевти, доктор по спортска медицина, нутриционисти, професионални тренери и сертифицирани инструктори со долгогодишно искуство зад себе.

Претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ, рече дека плодната година во последниот период имала исклучително позитивни ефекти за кошаркарите.

„Тука добиваа најпрофесионална подготовка која значеше многу за нивните максимални спортски резултати на терен. За еден спортист е важно да е добро подготвен, а овде има можност и најсовремени апаратури. Посебно ми беше драго што денеска израдувавме хоспитализирани дечиња“, рече Антиќ.