02.08.2025

„Убеден сум дека овие деца и луѓето кои стојат зад нив нема да губат надеж ниту енергија“.

Претседателот Томе Главчев со порака: „Имаме деца што ќе бидат дел од нашата кошарка во наредниот период“

Веднаш по поразот од Романија, претседателот Томе Главчев, им изрази поддршка на кошаркарите во соблекувалната на нашиот национален тим, а потоа на прес-конференција пред медиумите изрази гордост од прикажаната борбеност на македонските репрезентативци

Гласно ја повтори благодарноста до сите оние кои одговорија позитивно на репрезентативниот повик ова лето и беа, односно, се дел од подготовките, и присутни на натпреварот со Романија.

„Прво, јас сум горд што имаме момци кои сакаат да даваат максимум од себе за оваа репрезентација. Енергијата што беше присутна и што излегуваше од овие момци верувам дека не сум единствен што ја забележал.

Дефинитивно можеме да кажеме дека имаме деца што ќе бидат дел од нашата кошарка во наредниот период. Ако направите една анализа од минатото ќе забележите дека само двајца од оваа репрезентација имаат некакво искуство во националниот тим.

Дефинитивно имаме нов тим, некои минати оптоварувања кои мислеа да покажат – без нас нема да може. Можеби на некои позиции сме послаби, тоа ќе биде предмет на анализа. Но убеден сум дека овие деца и луѓето кои стојат зад нив нема да губат надеж ниту енергија“.

Претседателот потенцираше дека има голем напредок во изминатиот период, оној во кој овие кошаркари се заедно, прво во Гевгелија, потоа и во Куманово, претходно и на тренинзите во Скопје:

„Јас се вратив, имав еден краток состанок со репрезентативците, и им ги пренесов импресиите на некои луѓе кои беа тука и беа воодушевени од енергијата што ја прикажаа. Имавме доста политичари на трибините, но факт е дека кошарката доминираше во салата, кошарката е тоа што обединуваше. Да бидам искрен, јас сум задоволен, ние само пред две недели не знаевме ни кој ќе биде селектор, ни кој ќе дојде. Имаме репрезентативен тим и јас сум горд на овие момци. Ако се сеќавате дека не така одамна, ви реков дека императив нема да ни бидат победите, туку да создадеме репрезентација што во догледно време ќе биде доформирана и верувам дека ќе ни носи радости во иднина“ – додаде претседателот Главчев пред медиумите.