Во рамки на редовните годишни активности, Судиската комисија на КФСМ ќе организира претсезонски семинар за сите кошаркарски судии, помошни судии, делегати и делегати - контролори.
Покрај предавања и толкувања на правилата на кошаркарската игра и презентација на пропозициите за натпреварување, за судиите ќе биде спроведен тест за проверка на знаење од правилата на кошаркарската игра, како и тест за физичка подготвеност (Leger Test – beep test), а за делегатите и делегатите-контролори тест за познавање на Пропозициите за натпреварување и проверка на знаење од правилата на кошаркарската игра.
Семинарот ќе се одржи во период од 30.08.2019 до 01.09.2019 година во Скопје.
Точната локација на одржување на семинарот и распоредот на активности ќе биде дополнително определен.
НАПОМЕНА:
- Од оваа година надоместокот од 3% се укинува и сите судии, помошни судии, делегати и делегати-контролори кои ќе земат учество на семинарот и ќе полагаат, ќе бидат должни еднократно на жиро сметката на Кошаркарската Федерација на Северна Македонија да уплатат износ од 3.300,00 денари на име „Котизација за семинари 2019/2020 година“. При пристигнување и регистрација на семинарот учесниците задолжително да приложат доказ за извршена уплата.
- Сите судии се должни при пристигнување и регистрација на семинарот да достават соодветно лекарско уверение (потврда) за способност за вршење на должност кошаркарски судија од релевантна медицинска институција со детални параметри. Релевантни институции за издавање уверение (потврда) се:
• Институт за физиологија (закажувањето преглед на сите здравствено осигурани лица оди исклучиво преку матичен лекар и истите потребно е самостојно и навремено да го организираат и направат лекарскиот преглед, а најдоцна до почеток на семинарот),
• Заводите за спортска медицина во рамки на јавно здравствените установи во РСМ и
• Приватни здравствени установи со оддел спортска медицина, со задолжително мин. параметри (Тв – см , Тм - кг, BMI, срце, ЕКГ - мирување, ЕКГ - оптоварување, ТА во мирување + пулс, ТА во оптоварување + пулс, бели дробови, спирометрија).
- Oваа сезона, соодветниот физички изглед на судиите ќе се утврдува по следните критериуми:
• Висина на судијата (во см) -100 + 10% = горната телесна маса што треба да се толерира (во кг)
- Евентуалната спреченост за присуство на претстојниот семинар задолжително да се најави со образложение за причините за спреченост и праќање на известувањето до Судиската комисија на КФСМ на е-пошта: sudiska@basketball.org.mk