11.11.2020

Девојката со кадрава коса ќе биде амбасадор на 38. издание на главниот европски настан во кошарка за жени

Претставена официјалната маскота на женскиот Евробаскет 2021 (ВИДЕО)

Официјалната маскота на женскиот Евробаскет во 2021 година беше дигитално претставена од ФИБА Европа.

Позната како „Лола“, дизајнирана од словенечката агенција Задрга, девојката со кадрава коса ќе биде амбасадор на 38. издание на главниот европски настан во кошарка за жени, што наредната година треба да се одржи во Франција и Шпанија.

„Таа ги има сите потези и е подготвена да игра - без разлика дали станува збор за „кросовер“, дриблинг меѓу нозе или додаток за навивање... Ништо не поминува покрај Лола... Нејзината енергија, брзина и агилност ја прават кралица, и нејзината сила е во нејзините потези и подготвеност да го покаже тоа“, ја опишаа Лола нејзините креатори.

Евробаскетот во женска конкуренција ќе се одржи од 17. до 27. јуни 2021 година. Првата групна фаза, и одредени четвртфинални средби, ќе се одржат во Стразбур (Франција) и Валенсија (Шпанија). Завршната фаза на ова Европско првенство ќе се игра во Валенсија.