Прием во Агенцијата за млади и спорт (АМС) од директорот Наумче Мојсовски добија и младите кошаркарки до 16 години, кои во Тбилиси успеаа да го освојат ФИБА Челенџерот во оваа возрасна категорија
Кошаркарките запишаа четири максимални победи за прво место на собирот во Грузија, па Мојсоски на приемот посочи дека овој успех е јасен показател дека има квалитет во младинските категории.
„Вашето остварување е показател дека имаме квалитет во младинските категории. АМС ќе направи напори со добра соработка со сите спортски федерации да овозможи на овие млади категории да бидат дел во иднина на сениорските тимови. Тие се иднината на македонскиот спорт“ - посочи Мојсовски.
Селекторот на оваа генерација Никола Златев, пак, посочи дека успехот не изостанува кога се игра со срце. Но во исто време забележа дека мора поголема мотивација да има за девојчињата да продолжат да тренираат и од нив да излезат кошаркарски А-репрезентативки.
„Ова е возраста во која девојките во спортот најчесто се откажуваат, па со заеднички напор, соработка со сите клубови, со националните федерации и секако со АМС треба да се обидеме да ги задржиме овие таленти. А со правилна работа да ги мотивираме за понатамошното спортување и од нив да направиме квалитетни сениорки“- потенцираше Златев.