Машката репрезентација на Македонија на играчи „Под 18“ години се враќа со две победи од гостувањето во Зрењанин.
СРБИЈА У18 – МАКЕДОНИЈА У18 53:61 (19-12; 10-18; 7-10; 17-21)
Вечерва, избраниците на селекторот Никола Василев уште еднаш беа подобри од своите врсници од Србија. Славеа со сигурни (61:53), што е уште еден позитивен сигнал дека оваа наша селекција може да биде рамноправна, дури и подобра од оние кои важат како фаворити на претстојниот ФИБА „Челенџер“ во Скопје (од 3. до 8.август).
Слично како и на претходниот натпревар, јуниорите на Србија имале подобар почеток. И првата четвртина ја реализирале во своја корист со (19:12).
Но работите почнале да се менуваат со почетокот на втората во која уште еднаш, нашите јуниори го покажаа својот квалитет. До полувремето ја анулирале предноста на противникот, дури и повеле со минимални (30:29).
„Тврдо“ се играло и во продолжение на средбата во „Кристалната“ сала во Зрењанин. Во третиот период двете селекции постигнале вкупно 17. поени. Но десет од нив беа наши за уште повисоко водство од (40:36).
Нашите момци биле поуспешни од ривалот со кој ќе играат и на турнирот во Скопје, доволно за втора победа во две вечери, по која нашата селекција веднаш се враќа за Скопје каде ќе ги продолжи подготовките.
Уште едно добро издание има Филип Наков, стрелец на 15.поени, додека Амар Хот е вториот со двоцифрен број на поени во нашата јуниорска репрезентација – 12.
Освен нив во оваа вредна победа, со поени „партиципираа“ уште и Ѓорѓевиќ (7), Митревски (6), Петков (5), Блажевски (5), Иванов (5), Василевски (2), Величковски (2) и Стојановски (2).