26.07.2021

Со одлична втора четвртина успеавме да славиме триумф од (66:54) на првата контрола во Зрењанин

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР: Нашите јуниори ја победија Србија

Машката јуниорска селекција на Македонија славеше победа над Србија со резултат (66:54), на првиот од двата предвидени пријателски натпревари во Зрењанин.

По изедначената прва четвртина која заврши со нерешени (14:14), нашите јуниори блеснаа во втората. Ја реализираа во своја корист со (27:9) па на полувремето заминаа со висока позитива од (41:23).

Српските јуниори беа подобри во третиот период, кога симнаа десет поени од високата негатива. Намалија на (43:51). Но нашите млади кошаркари успеаја да се одбранат од нападите на домаќините, дури и ја добија последната четвртина со (15:11), за голем триумф над еден од фаворитите за висок пласман на „Челенџерот“ во Скопје (3-8.август).

Филип Наков со 20. реализации беше нашиот најефикасен играч на оваа средба. Митревски реализираше 16. По седум поени постигнаа Василевски, Богатиновски и Петков. Величковски даде пет, а  Хот уште четири.

Двете селекции утревечер, исто така од 18.30 часот, во Зрењанин, ќе одиграат уште еден контролен натпревар.