Изминатиот викенд беше резервиран и за продолжението на активностите поврзани со проектот на ФИБА насловен како „Her world, her rules“.
Во рамките на селективниот тренинг на кошаркарки родени 2006 година, во Скопје беа реализирани активности поврзани со ова европско кошаркарско движење во кое се опфатени кошаркарки од најмладите возрасни категории, а поддржани од сите членки на Светската кошаркарска организација.
Проектот е поделен на неколку делови: школски, клупски и фестивал. И се одвива во текот на целата школска година, односно од почетокот на септември, па се до крајот на мај.
„Ние како федерација веќе ги поставивме приоритетите во овој проект. За почеток, се одлучивме да ги одбереме нашите кошаркарски амбасадори. Им предложивме на Јелена Антиќ, Едина Муса, Јована Петрушевска, Симона Деловска и Нена Трајческа, а тие го прифатија, ‘од прва’, нашиот предлог, да бидат вклучени во сите наши активности поврзани со овој доста значаен проект во европски рамки“- вели координаторот за млади категории, Мирко Ивановски.
Од оние школски активности, кошаркарките имаа обврска еднаш во текот на седмицата, со подршка на двајца тренери, еден од амбасадорите, и претставник на федерација, заедно со медиумска подршка (ТВ и фоторепортери), да одработат по еден тренинг.
„Локациски одбравме првата недела да биде во Скопје. Нашиот таргет се деца на возраст од 9-10 години. Одбравме девојчиња да го одработат првиот тренинг во салата ‘Независна Македонија’. Задоволни сме од одѕивот, имавме околу 50. кошаркарки на теренот. Очекуваме како ќе одминуваат неделите од проектот, да има уште повеќе кандидатки.
Планот е освен Скопје, „Her World, her rules“ да се прошири и во другите градови низ нашата земја. Во источниот дел ќе бидеме во Македонска Каменица, во Крива Паланка, во средишниот е превиден собир во Кавадарци. На Западот договорено е активностите да ги реализираме во Гостивар, Прилеп и Струга. Долу на југот, се надевам дека ќе дојдеме и до Валандово, на Север пак во Куманово“.
Во оној клупски дел од обврските, кои ги носи овој проект, предвидено е и организација на турнир во се популарната игра „3х3“?
„Во наредниот период планираме да го организираме „3х3“ турнирот за кошаркарки од 13. до 15. годишна возраст кои се дел од клубовите кои учествуваат во младинските лиги кои ги организира федерацијата, а гравитираат кон Пробиштип, каде ќе биде собирот“.
Веќе во март следува и т.н. „женски ден“ од проектот?
„Како дел од испланираните активности, предвидовме организирање на уште еден минибаскет собир кој би се случил во Велес, на 8. март, односно на денот на жените. А уште еден таков турнир ќе биде организиран и во наредниот месец, во април, во Битола“.
Големото финале ќе биде во мај?
„Да, предвидуваме еден голем кошаркарски хепенинг, вистински фестивал на кошарката. Ако се биде во ред со здравствената ситуација во државата, ќе биде во Скопје, во ‘Градскиот парк’. Ќе има од се по нешто. Во два дена, на два терени ќе се одвиваат активностите во кои спаѓаат минибаскет, фитнес тренинзи за најмладите возрасни категории на кошаркарки од основните училишта од цела Македонија. Ќе има и мотивациски говори од нашите кошаркарски амбасадори, кои ќе ги споделат своите искуства со девојчињата од каде ќе (по) бараме нивни наследнички во играта со портокаловата топка“- дообјаснува Ивановски за наредните активности на федерацијата во овој проект на ФИБА.