28.02.2020

ПРОДОЛЖУВААТ НАТПРЕВАРИТЕ ВО ПРВАТА ЛИГА: Пелистер е без право на кикс во Гевгелија

Во пресрет на големото дерби на македонската кошарка, во недела навечер, ден порано се планирани два натпревари... 

 

По тринеделна пауза, предвидена поради одигрувањето на квалификациските дуели за ЕП 2021 година, овој викенд продолжуваат натпреварите во македонската Прва лига.

А 16. коло го носи и најголемото дерби во македонската  клупска кошарка. Дуелот помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, закажан за недела навечер од 17.30 часот.

Претходно, во сабота навечер, се предвидени два натпревари. Првиот е во Гевгелија. Во салата „26.април“, Кожув е домаќин на Пелистер, а еден час порано во Кавадарци, кошаркарите на Еуро Никел 2005 го пречекуваат составот на Гостивар.

Многу поважен, се чини е овој натпревар за кошаркарите на Пелистер. Битолчани очајнички се обидуваат да стигнат до позицијата 6 во шампионатот. Во овој момент се на два чекори зад Куманово 2009, па јасно е дека само победа во Гевгелија ја остава четата на Љупчо Малинков во трката за тоа суперлигашко место.

Секако во тоа, во овие последни три кола, треба да им помогнат и противниците на кумановскиот прволигаш.

„Очекувам интересен натпревар. Ние немаме право на кикс, и ако сакаме да се пласираме во Суперлигата, мораме да дадеме максимум на секој од овие три натпревари. Кожув е одлична екипа, со доста искусни играчи, но ние имаше наши предности кои ќе пробаме да ги искористиме“- вели пред гостувањето во Гевгелија, бекот на битолчани, Адем Мекиќ.

Но свои замисли имаат и гевгеличани. Кожув (10-5) е веќе суперлигаш, но екипата од Гевгелија сака да се искачи некое место погоре во пресрет на вториот круг од шампионатот.

Главна тема на дискусија одново е Бојан Трајковски, односно неговото дефинитивно враќање во составот кој го креираше Александар Јончевски. Момент кој сите во клубот го очекуваат одамна, макар што и во отсуство на искусниот крилен играч, во последните пет кола Кожув реализираше четири победи во серија.

 

„Во тренинг сум, но најверојатно нема да настапам на овој натпревар. Сакам во целост да бидам подготвен за овој втор дел од сезоната. Оттука, во договор со стручниот штаб ќе ја донесеме најдобрата одлука“- коментира кратко Трајковски

Гевгеличани загубија на оној последен меч пред паузата, во Куманово, поради што и се на позицијата 4, со една победа помалку во однос на Работнички и Гостивар, и две зад лидерот – МЗТ Скопје Аеродром.

Дуелот со Гостивар ќе биде уште една можност за кошаркарите на Еуро Никел 2005 да направат чекор понапред на првенствената табела.

Засега се на ефект (10-5), па со евентуален триумф против екипата од Гостивар (11-4), ќе дојдат до егал скор со нивниот нареден противник.

 

„Со победа на дуелот со Гостивар ќе го потврдиме нашиот пласман во Суперлигата, што беше и наша првична цел во оваа сезона. Но за да дојдеме до неа ќе треба добро да се потрудиме. Имаат неколку нови играчи во екипата, кои заедно со постоечките, чинат една одлична целина. Со овие трансфери, јасно е дека имаат високи амбиции оваа сезона. Ние сеуште не сме го затвориле играчкиот ростер, и во наредните неколку денови се надевам и дека ќе го реализираме тоа“- вели Горан Самарџиев, шефот на струката во тимот од Кавадарци.

За време на паузата, нивниот саботен ривал, делумно го променија својот играчки кадар. Дури и одиграа една неофицијална „контрола“ против нашиот национален тим. Се со цел стручниот штаб да се увери во квалитетите на новите имиња во тимот, Американците Ентони Кеит Ли и Малком Армстед.

 

„Го комплетиравме тимот, добро одработивме во изминатиот период, сега останува на играчите да го реализираат тоа на теренот. Пред нас имаме исклучително добар противник, кој на свој терен секогаш игра доста добро, и најчесто победува. Се надеваме дека овој пат нема да биде така “- смета Марјан Србиноски, шефот на стручниот штаб на „сино-белите“ од Гостивар.

 

По добиената препорака од Владата на РСМ до сите спортски институции, натпреварите во периодот до 6. март 2020 година да се играат без присуство на публика, раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија донесе одлука дека сите натпревари кои се во организација на федерацијата ќе се одиграат без присуство на публика.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 16.КОЛО

САБОТА:

18.00: Кожув – Пелистер

Сала „26.април“ - Гевгелија

19.00: Еуро Никел 2005 - Гостивар

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

НЕДЕЛА:

17.30: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички (МТВ)

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

19.30: Вардар – Академија ФМП

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

20.15: МЗТ Скопје Уни Банка – Куманово 2009

СЦ „Јане Сандански“ - Скопје