Паузата за новогодишните и Божините празници е завршена и клубовите во прволигашката машка сениорска конкуренција претстојниот викенд ќе продолжат со натпреварите од тековната сезона. МЗТ Скопје Аеродром и Пелситер пред два дена го комплетираа единаесеттото со меѓусебен дуел со што се заокружи точно половина од натпреварите од првиот дел од сезоната.
Работнички, силен како некогаш, останува лидер на табелата во ПЛМ и по 11 одиграни кола. Нашиот најтрофеен кошаркарски колектив го задржа ростерот во досегашниот дел од сезоната со придодавање на репрезентативецот Кирил Николовски кон почеоткот на декември. Марин Докузовски претстојниот викенд ќе ги диригира акциите на „центарци“ покрај аут-линијата пред Куманово кој има серија од пет победи во низа, последните две против Гостивар и Блокотехна. Кумановци напраија низа промени и во тимот. Покрај промените во управата, Игор Михајловски ја напушти клупата, а кормилото го презема Александар Петровиќ кој пак им даде нов дом на репрезентативците Адем Мекиќ и Бобан Стајиќ кои бараа поголема активност на терените во својот претходен клуб.
Мечот помеѓу Рабптнички и Куманово ќе се одигра в сабота (13. јануари, 2018 година) со почеток во 18:00 часот во салата „Градски Парк“ и истиот ќе биде пренесуван во живо на МРТ.
Судирот на непоразените во шестото коло и го донесе првиот пораз во сезоната на Блокотехна која во моментов е второрангирана на табелата во ПЛМ. Марјан Илиевски не експериментира многу со својот ростер. Последна негова аквизиција е репрезентативецот Стојан Ѓуроски кој дотогаш ги бранеше боите на Карпош Соколи. Блокотехна викендов повторно ќе го одигра гевгелиското дерби против Кожув. Во првиот нив меѓусебен дуел за оваа сезона второрангираните славеа со речиси двојно повеќе постигнати поени. Кожув пак чекаше до шестото коло за да стигне до својот прв триумф за оваа сезона и оттогаш забележа уште два. Гевгелиското дерби ќе се одигра утре (13. јануари 2018 година) во 13:00 часот во салата „Негорски Бањи“.
МЗТ Скопје Аеродром во рамки на дванаесеттото коло ќе се пресмета со Карпош Соколи во нова реприза на минатогодишната финална серија од плејофот. Во првиот меѓусебен дуел за оваа сезона, Карпош Соколи го совлада актуелниот шампион и му ’врати’ за оној последниот пораз кој ги чинеше шампионска титула. Следеа по три триумфа за двата клуба, па потоа крај на нивните победнички низи. До крајот на календарската година МЗТ Скопје Аеродом запиша уште четири победи, „Соколите“ уште само една. Двата клуба имаа турбулентни промени – како во управата така и во играчкиот кадар. МЗТ Скопје Аеродром одлучи да ја прекине соработката со Александар Тодоров, а на негово место дојде Жељко Лукајиќ. Заминаа Мекиќ, Стајиќ и Митев во потрага по повеќе минути на паркетот, а пристигна Дарко Соколов. Последен од таборот на „аеродромци“ си замина и Никола Пвличевиќ откако влезе во отворен конфликт со навивачката група на клубот. Карпош Соколи претрпе драматична промена во клубот. Поради откажување на главниот спонзор, општината Карпош, клубот остана без поголемиот дел од средствата. Бродот што тоне прв го напушти тренерот Борче Даскаловски, а неговата улога ја презеде тандемот Тасевски-Наумоски. Клубот продолжи да се натпреварува со кошаркари од своите младински погони кои го завршија и настапот во ФИБА Европа Купот.
МЗТ Скопје Аеродром ќе ги нагости „соколите“ од Карпош на 17. јануари во 18:00 часот.
Гостивар повторно се врати во прволигашката конкуренција и сезоната ја започна со високи амбиции. Марјан Србиноски е на чело на гостиварската чета која има биланс од седум победи и четири порази – доволни за делба на четвртото место со Куманово, место кое води во Суперлигата на пролет. Гостиварци викендов ќе се пресметаат со Фени Индустри. Трикратниот шампион во домашното првенство и оваа сезона го води Љупчо Малинков кој е неизоставен дел од стручниот штаб на Јорданчо Давитков во сениорската машка репрезентација. Кавадарчани се натпреваруваат со млади играчи и неколку репрезентативни играчи. Андреј Магдевски одлучи да го напушти клубот и да замине во Гостивар. За репрезентативниот разигрувач ова ќе биде прв дуел во дресот на новиот клуб против доскорешниот. Натпреварот ќе биде одигран в сабота (13. јануари) со почеток од 17:00 часот.
Петар Чочороски уште една сезона го предводи тимот од Охрид во прволигашките натпревари. „Галебите“ во поглед на ростерот не направија големи промени. Замина Цого, пристигна Бакоч. Охриѓани ќе се борат да ја минат ’невидливата линија’ која ги двои шесте патници во пролетната Суперлига од оние шест на дното на табелата кои ќе се борат за опстанок во прволигашката конкуренција. Противник за ова коло на АВ Охрид ќе му биде Струмица која е закована на дното на табелата со само една победа, против Пелистер. Натпреварот ќе се одигра утре (13. јануари, 2018 година) со почеток во 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
Последната двојка за ова коло е Шкупи – Пелистер. Првата лига, во машка конкуренција, за избраниците на Енвер Мифтари е сефте. Амбициозниот тренер од скопската општина Чаир донесе неколку странски засилувања кои му помогнаа на клубот да стигне до две победи во досегашниот дел од сезоната. Чаирчани веруваат дека до крајот на првиот дел од сезоната ќе успеат да го израмнат билансот и да се оттргнат од таа несакана линија и да бидат сигурни прволигаши и в година. Пелистер има идентичен број на победи како и тимот од Чаир. Зоран Петковски и оваа година е на чело на таборот од Битола кој со неколку нови, странски, играчи ќе се обиде да остане во кошарарската елита. Шкупи ќе ги нагости битолчани, во „Шабан Трстена“ утре (13. јануари, 2018 година) со почеток во 17:00 часот.