17.01.2020

ПРОДОЛЖУВААТ ВОЗБУДУВАЊАТА ВО ПРВАТА ЛИГА, НА РЕД Е 12.КОЛО: Гостивар го предизвикува шампионот

Распоредот посака уште во првото коло од новата 2020 година, да се судрат прво и второпласираната екипа на табелата...

 

По пауза од скоро еден месец (календарски гледано), со вечерашниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје Аеродром го пречекува Гостивар, продолжуваат натпреварите од најсилното натпреварување во нашата земја – Првата лига.

Десетте прволигашки екипи имаа триесетина денови да видат што е добро а што не во нивните играчки ростери. Дел од нив направија некои измени, дел се во некоја „процедура на промени“, некои пак веројатно ќе почекаат, до истекот на преодниот рок (последното коло од регуларниот дел од шампионатот), во обид да најдат некои поквалитетни решенија од оние кои им се нудат во овој момент. Како и да е, прволигашкиот караван продолжува со дуелите од 12.коло, во кое во центарот на вниманието не вечерашната пресметка (20.15 часот) во која лидерот на табелата, МЗТ Скопје Аеродром ќе го нагости првиот пратител на првенствената табела – Гостивар.

„Сигурно е дека МЗТ Скопје е во предност. Од проста прочина што се во натпреварувачки ритам, што практично за нив немаше пауза“- смета повратникот во тимот од Гостивар, Александар Костоски.

На последната средба, Гостивар победи дома, но на шест гостувања во Аеродром, се уште нема позитивен скор.

„Нивната предност е некој наш хендикеп со кој ќе мора да се соочиме. Не е лесно во овие денови да се организира некој контролен меч, па оттука овие 40.минути ќе бидат показател до каде сме стигнале со подготовките за овој втор дел од сезоната. Сепак, мислам дека и покрај тоа сме доволно искусна екипа, дека можеме да одговориме на овој прв предизвик во 2020 година“ - вели организаторот на играта на „сино-белите“.

Екипата од Аеродром има само два порази на последните десет натпревари. Тие се во рамките на регионалната лига, но вечерва против Гостивар влегуваат со триумф против Сутјеска реализиран пред некоја вечер пред публиката во СЦ „Јане Сандански“.

Едно време, Андреј Магдевски беше дел од екипата на Гостивар, денови во кои и почна подемот на гостиварскиот прволигаш. Вечерва пак ќе биде на другата страна од теренот.

„Нема да биде лесен натпревар. Екипата на Гостивар доаѓа во полн состав, мотивирана и пред се одморена, за да нè победи и избие на првото место. Имавме малку време за да се подготвиме и да се одмориме, но нема така лесно да го дадеме домашниот терен. Ги повикувам сите навивачи да дојдат, да нè  подржат и да нè мотивираат за да останеме на врвот на табелата“ - вели репрезентативниот бек на „металците“.

 

Создадени се сите услови овој меч да биде и дерби на колото, можеби и на вториот дел од оваа прва фаза на првенството. Играат прво и второпласираната екипа, што треба да е најава за една добра кошарка.

ПРВА ЛИГА - МАЖИ

ДВОЈКИ 12. КОЛО

ДЕНЕСКА:

20.15: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар

Сала СЦ „Јане Сандански“ - Скопје

САБОТА:

18.00: Еуро Никел 2005 – Кожув

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

18.00: Академија ФМП – Пелистер

Сала „Независна Македонија“- Скопје

18.00: Работнички – Куманово

Сала „Градски парк“ - Скопје

НЕДЕЛА:

18.00: Вардар – МЗТ Скопје Уни Банка

Сала на КК „Вардар“ - Скопје