12.04.2022

Финалното дружење е закажанo од 2. до 5. јуни во Лимасол, на Кипар

ПРОЕКТ „BASKi-basketball for life skills“: Координаторот за млади Ивановски, дел од третиот „FACE TO FACE“ транснационален собир во Бари

Координаторот за млади категории при македонската кошаркарска федерација, Мирко Ивановски во текот на изминатиот викенд беше дел од третиот по ред собир на учесниците во проектот насловен како „Baski-basketball for life skills“.

На собирот кој на 8. и на 9. април се одржа во Бари (Италија), Ивановски учествуваше во планираните активности кои со себе ги носи третата фаза од проектот.

„Добивме доста корисни информации, поврзани со проектот во кој сме една од шесте меѓународни учесници од Европа. Пред сè, во фаза на изработка е развојна дигитална платформа за проектот, модули за тренинг, преведени на јазиците на сите учесници кои се вклучени во проектот. Исто така, почната е подготовката за изработка на посебен Прирачник, кој ќе им биде од особена корист на учесниците во овој проект, односно алатките за тренинг кои ќе најдат свое место во оваа корисна ‘тетратка’.   

На состаноците во Бари, беше направена и поединечна презентација на досегашните активности во изминатиот период во рамките на проектот. Како оние практичните, изведени на терен, така и во дигитално издание на социјалните медиуми. Во исто време започнаа и подготовките за активностите кои следат односно организација на завршниот четвртти дел од проектот, кој од 2. до 5. јуни ќе се одржи на Лимасол во Кипар“ – објаснува Ивановски.  

Инаку, согласно со договореното на собирот во Бари, првото издание на проектот „Baski- basketball for life skills“ ќе финишира во средината на јули, две години откако беше означен почеток на партнерите од Македонија, Кипар, Бугарија, Романија, Грција и Италија.