Тренирањето на кошаркарки во млади категории е доста одговорна и сложена активност, бидејќи тренерот не е само тренер. Истовремено е и личност која воспитува и има влијание врз младите кошаркарки во нивниот најчувствителен период на развој и созревање.
Прашање е дали тренерите кои се занимаваат со тренирање на кошаркарки во млади категории се свесни за својата улога и влијанието, позитивно или негативно, врз самите кошаркарки.
За еден тренер да биде успешен треба:
· Да има кошаркарска основа и добро да ја познава кошарката
· Да биде добар демонстратор на техничките елементи
· Да ги познава педагошките и психолошките принципи на обука
· Да има високи когнитивни способности
· Да биде добар планер и организатор
· Да има општи широки знаења
· Да е добар мотиватор и човек кој инспирира
· Да влева оптимизам и енергија во тренирањето
· Да има своја филозофија, свои цели и желба за успех
· Да има желба за постојано усовршување
И сега се поставува прашањето дали ние имаме тренери кои работат во женската кошарка и кои ги имаат овие карактеристики?
Одговорот на ова и некои други прашања поврзани со оваа тематика ги дава координаторот за женска кошарка, Саша Димитријевиќ преку неколку особено важни предлози кои би требало да бидат реализирани во наредниот период.
Ова беше мотив да направиме план за менторирање на млади тренери, а тоа значи изготвување на програма за работа со вежби за У10, У12 и У14 генерациите. Менторирањето би опфатило и теоретски предавања поврзано со програмата за тренинг и демонстративни тренинзи бидејќи демонстрацијата во работата со младите кошаркарки е многу важен момент.
Најважниот момент во менторирањето е контролата на работа на самите тренери и опсервација на тренингот.
Добрите тренери се „крвотокот“ на успешни организации. Ние како федерација можеме да правиме секој месец одлични проекти за развој, но ако немаме добри тренери, сето тоа паѓа во вода и затоа се појавува оваа потреба за ваков проект за обука-менторирање на млади тренери.
Со еден ваков проект ќе мотивираме и нови млади тренери–почетници да се обучуваат и да се вклучуваат во работа во клубовите.
Во исто време ќе ги следиме тренерите на неделно ниво. Нивната работа и нивниот напредок, а оние кои ќе бидат посветени и кои ќе напредуваат нормално ќе биде и да се праќаат на разни семинари, ФИБА обуки и на кампови како и на специјализации во добри клубови низ Европа. И на тој начин да ја кренеме тренерската струка во Македонија, особено оние што работат со млади кошаркарки.
Идејата е еднаш неделно да правиме состаноци со тренерите од Скопје и тоа да биде во сала каде би имале можност и за демонстрација на вежбите. На тие состаноци би ги поминале сите вежби кои би се работеле во седмицата која доаѓа.
Еднаш до двапати месечно, тренерите кои не се од Скопје, би доаѓале на еден ваков состанок. Тука не е исклучен и состанок со тренерите преку ZOOM апликацијата. На тој начин би имале почеста комуникација.
Нормално дека не можеме да ги присилиме ниту клубовите ниту тренерите на едно вакво менторирање, но оние кои сакаат да напредуваат мислам дека ќе гледаат на овој проект како можност за нивен личен напредок.
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ТРЕНЕРИТЕ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРОЕКТОТ
Проектот за развој на женската кошарка „Менторирање на тренери што работат со млади категории на кошаркарки“ ќе стартува овој викенд.
Според планираното, активностите ќе се реализираат во Скопје.
Првиот тренинг ќе биде реализиран во сабота (26.12.2020), од 11.часот, во салата при Основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје.
На првиот собир треба да се појават сите пријавени тренери кои сакаат да бидат вклучени во овој проект на федерацијата и на Здружението на кошаркарски тренери на Македонија.