Зборното место беше големата сала во СРЦ „Кале“, каде денеска, најталентираните млади кошаркари од Македонија „влегоа“ во уште еден проект на Македонската кошаркарска фeдерација.
Посветен е токму на нивните, во прв ред, подобрувања на функционално моторичките способности, и сите други карактеристики на патот кон она што се нарекува сениорски репрезентативец на Македонија.
„Во наредниот период, со помош на професорот Александар Кукриќ, нам добро познат, кондициски стручњак, ќе реализираме уште еден проект во кој основната цел е подобрувањето на сите играчи и останати параметри кај нашите најталентирани млади кошаркари. Во договор со професорот Кукриќ, по овие мерења кои ги реализираме овде во СРЦ ‘Кале’, понатаму, на секој кошаркар ќе му биде изработена програма за работа за периодот кој што следува. А професорот ќе продолжи да ги ‘следи’ кошаркарите во текот на имплементирање на неговата програма“ – појаснува спортскиот директор Марјан Србиновски.
Еминентниот кондициски тренер, до пред извесно дел од стручниот тим на нашиот машки сениорски национален тим, денеска го релаизираше воведниот дел од проектот во кој во салата СРЦ „Кале“ во Скопје беа изведени специфични мерења и тестирања на функционално-моторичките способности кај младите и талентирани кошаркари.
Овие, условно кажано „скенирања", ќе служат за детектирање на евентуални недостатоци кај младите кошаркари и давање на конкретни насоки за елиминирање на истите во наредниот период.