Помалку и неочекувано за европската кошаркарска јавност, секако и локалната во Естонија, националната федерација објави промена на селекторската позиција во сениорскиот национален тим.
Јука Тоијала, кој беше селектор на сениорската репрезентација на Естонија од 2019 година, ја напушта оваа функција, а за негов наследник е именуван Хеико Ранула.
„Придонесот на Јука за естонската кошарка е немерлив, му посакуваме се најдовро во неговата понатамошна тренерска кариера. Естонскиот сениорски национален тим добива млад и амбициозен селектор“ – изјави Прит Сарапу, претседателот на естонската кошаркарска федерација.
Тоијала кој го предводеше естонскиот состав, еден од нашите противници во квалификациите за Еевробаскетот во 2025 година, на вкупно 47. интернационални натпревари, и тоа со доста поволен скор, заминува во Јапонија, каде ќе работи како асистент-тренер во Јокохама, заедно со неговиот фински сонародник, Ласи Туов.
Во наредниот период, првата селекторска позиција ќе ја преземе неговиот досегашен асистент.
Хеико Ранула добро е запознат со работата на сениорската репрезентација, затоа што беше еден од помошниците на Тоијала во изминатите четири години.
Претходно ја предводеше селекцијата на Естонија „Под 18“ години, а беше асистент во онаа „Под 20“ години. На клупски план, по почетните успеси со Парну, се „пресели“ во Калев/Крамо каде ја продолжи шампионската низа во естонскиот шампионат.
„Голема чест е да стартувам со оваа работа, и да отворам ново поглавје во мојата тренерска кариера како селектор на сениорскиот национален тим. Јука заврши голема работа со овој тим и чувствувам голема одговорност и обврска да го продолжам тоа“- искоментира Ранула, кој официјално стартува на новата позиција од 1. јули, а обврските му завршуваат во летото 2025 година.
Првите репрезентативни обврски ќе ги има во ноември, за кога се закажани двата натпревари против селекцијата на Полска, а се дел од евро-квалификациите во кои е вклучена и нашата селекција.