По повод десетгодишнината од огромниот успех на македонската кошаркарската репрезентација, која беше четврта на Европското првенство, денеска беше одржана прес-конференција за промоција на документарниот филм „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо“.
Насловот е инспириран од легендарната изјава на Владо Илиевски по победата над Литванија во четвртфиналето.
„Филмот е инспириран од најголемиот успех на една македонска репрезентација на големите натпреварувања. Снимен е во две продолженија, а на него работеше една мотивирана, млада, но искусна екипа. Идејата е на уредникот на порталот КОШ.МК, Љубомир Ошавковски, а несебична поддршка дадоа КФСМ, МОК; АМС и уште неколку комерцијални спонзори кои ја препознаа идејата и делото кое останува за идните генерации како презентација на тој голем национален успех и големата национална радост што се случи во 2011 година. Телевизиската премиера на документарниот филм ќе се одржи на 13 и 14 ноември, од 20:45 часот на Телевизија 24“, изјaви извршниот продуцент на филмот Сотир Сотировски.
На промоцијата на филмот учествуваа и тогашниот селектор Марин Докузовски, тогашниот претседател на МКФ, Даниел Димевски и еден од најзначајните играчи во ростерот Тодор Гечевски, живата легенда на македонската кошарка.
„Благодарност до сите за идејата и реализацијата. Во Литванија почна нова ера, тој успех ни даде самодоверба. Да се почувствуваме дека сме достојни за врвни резултати. Спортска Македонија после тоа е посамоуверена“, рече Даниел Димевски, сегашен претседател на Олимпискиот комитет.
Слично размислуваше и творецот на најголемиот успех Марин Докузовски кој и десет години подоцна е најуспешен македонски селектор.
„Како да се подзаборави резултатот од Литванија, среќен сум што ќе се потсетиме на овие убави моменти. Овој филм ќе не потсети на сè што се случуваше тогаш. Ќе остане запишано како најголем успех на македонскиот спорт“, изјави Докузовски.
Тодор Гечевски беше еден од лидерите на славната генерација, а во моментов ја извршува функцијата спортски директор на КФСМ.
„Во нашите сеќавања, ЕП 2011 ќе остане до крајот на животот, младите ќе може да видат дека и ние можеме да бидеме со врвни резултати“, рече Гечевски.