Квалификациите за Евробаскет 2025 ќе ги завршиме со натпревар пред домашната публика, среде Скопје, против екипата на Полска. Денеска, 24. февруари, 2025 година (понеделник) нашите кошаркари од сениорската машка репрезентација ќе излезат на паркетот во СРЦ Кале во 18:30 часот, за последен пат во рамки на овој квалификациски циклус, за континенталниот собир кој треба да се одигра во четири држави кон крајот на летото. За жал, Македонија нема да биде една од учесничките на ова Европско Првенство.
Исходот од квалификациите е неповолен за нашата репрезентација, која ќе чека нов квалификациски циклус за нова шанса за пласман на големо натпреварување.
За вечерниот дуел против Полска картите се пуштени во продажба, поддршката од трибините е секогаш добредојдена. Достоинствено, да им ставиме крај на квалификациите за заборав.
Во рамки на овој квалификациски циклус, сениорите запишаа една победа, токму против селекцијата на Полска пред една година на гостински терен.
Февруари, 2024 година
Македонија - Естонија 69 - 74
Полска - Македонија 71 - 96
Ноември, 2024 година
Македонија - Литванија 67 - 82
Литванија - Македонија 94 - 72
Февруари, 2025 година
Естонија - Македонија 84-65