Нашите млади кошаркари го пронајдоа патот и до втората победа на „Челенџерот“ во Шопрон. Но му одземаа дел од нервите на стручниот штаб.
Наместо лесна и убедлива победа која беше на повидок откако во третиот период од играта имавме и предност од 18.поени (49:31), им дадовме дозвола на противниците да се вратат, дури и да бидат на чекор до победата.
Мораше да играме и екстра период од пет минути, да бидеме во минус на девет секунди пред крајот, но се до моментот кога Лука Савиќевиќ го погоди главниот шут на натпреварот.
Оној вреден три поени, и победа, макар и минимална, која донесе огромна радост во нашиот национален тим.
Втора по ред со која речиси сигурно влегуваме во разигрувањето за првото место на турнирот, кој за разлика од другите, има осум екипи учесници, поделени во две групи (по четири).
„Требаше да го затвориме овој натпревар на малку поинаков начин. Добри 25, па и повеќе минути, ја контролиравме играта и резултатот. Игравме според она што и го планиравме. Одеднаш застанавме, мислевме дека тоа е доволно за победа. Ја загубивме концентрацијата, дозволивме противникот да се врати. Но, покажавме дека и во такви ситуации нема место за паника. Момците останаа ‘мирни’ во оние моменти на одлука. Кога требаше, погодивме, и одиме понатаму“- вели селекторот Симиќ
Денеска, веројатно него и играчите кои ги однесе во Шопрон, ги чека и мечот на одлука за првото место во групата. Оној против селекцијата на Швајцарија која изненадувачки, загуби со минимален резултат од Луксембург.
„Имав прилика да погледнам добар дел од овој меч. Мислам дека конечниот резултат и не е изненадување. Луксембург не е селекција која треба да се потцени. Без оглед на поразот, сметам дека Швајцарија има подобар ростер, и дека денеска нè очекува уште потежок натпревар во однос на првите два. Го откажавме утринскиот тренинг, дечките треба малку да одморат. Три натпревари во три дена, тоа е убиствен ритам. Очекувам да одиграме уште подобро против Швајцарија и да бидеме дел од полуфиналето“- дополнува Симиќ пред средбата закажана за 16.30 часот.
Победата на Луксембург против Швајцарија ги направи работите во оваа група уште понеизвесни. Па последниот трет круг од натпреварите ќе го донесе расплетот во оваа прва фаза од турнирот.
Ако ја победиме Швајцарија, остануваме први во групата, и во полуфиналето ќе разигруваем против второпалсиранито од групата „Е“ (Белорусија или Унгарија)
А во последното коло, од 15.часот, играат Романија и Луксембург. Доколу загубат младинците на Луксембург ќе го чекаат исходот од дуелот Македонија – Швајцарија кој започнува нешто подоцна, во 16.30 часот.
ФИБА „ЧЕЛЕНЏЕР“ - ПОД 20-МАЖИ - ШОПРОН
ДВОЈКИ 3. КОЛО – ДЕНЕСКА:
15.00: Романија - Луксембург
16.30: Македонија – Швајцарија
ТАБЕЛА
1.Македонија 2 2 0 152:135 4
2.Луксембург 2 1 1 126:140 3
3.Швајцарија 2 1 1 159:27 3
4.Романија 2 0 2 136:171 2