Нашата женска сениорска репрезентација денеска ќе го одигра претпоследниот натпревар во рамки на евроквалификацискиот циклус, за континенталниот собир годинава предвиден да се одигра во втората половина од месец јуни.
Кошаркарките се собраа во Скопје и одржаа неколку тренинзи, а потоа заминаа за Белград. Тренираа избраничките на Александар Ашаданов во српската престолнина, во спортската сала „Александар Николиќ“ каде вечер со почеток во 18:00 часот ќе излезат на теренот.
Двете екипи веќе се сретнаа во овој квалификациски циклус, во ноември 2023 година, каде на домашен терен не успеавме да ја изненадиме осмата светска кошаркарска сила во женска конкуренција. Предводникот на нашите девојки, верува во нивните способности, и убеден е дека девојките ќе се покажат во добро светло.
„Вечерва не очекува натпревар против Србија, која во изминатиот период е на самиот врв во европската и светската кошарка. Одлична можност за нас да уживаме и презентираме одлична игра против најдобрите, а секоја шанса која ќе ни биде укажана ќе бидеме спремни да ја искористиме“ - истакна селекторот.
Кошаркарките ќе се вратат во Скопје каде ќе имаат кратко време за рекуперација, по што ќе заминат за Рига за да го одиграат и вториот натпревар против соодветната репрезентација на Украина.