Од 9. до 12. септември во Скопје ќе се одржи првиот меморијален турнир во чест на нашиот легендарен тренер
По тој повод денеска беше организирана и прес-конференција на која јавноста беше запозната со сите детали во и околу организацијата и реализацијата на идејата за креирање на еден ваков кошаркарски настан.
Меѓународен кошаркарски турнир за играчи „Под 16“ години, кој го носи името на Драган Василов Цевка, еден од најдобрите македонски тренери кои работеле во младинските возрасни категории, и кој остави поколенија на играчи кои ја носат македонската кошарка.
„Голема чест и задоволство е што нашата федерација ќе биде дел од овој турнир, кој го носи името на нашиот легендарен тренер Драган Василов Цевка, и што на свој начин, со потребната техничка логистика, реализација на онлајн преноси ‘во живо’, обезбедување на судии, ќе помогне во реализацијата на турнирот кој ќе биде собир на деца до 16. години на кој покрај нашите екипи МЗТ Скопје Аеродром и Вардар, ќе учествуваат екипи од странство како Црвена Ѕвезда, Академик Пловдив, Клуж, Слован, Шопрон. Верувам во успешна реализација на овој турнир кој ќе остане традиционален, затоа што Драган Василов Цевка заслужува многу повеќе од тоа. Но ова е само почеток“ – им се обрати на присутните, претседателот на нашата федерација, Перо Антиќ.
Честитки за организацијата на еден ваков турнир стигнаа и од претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.
„Навистина е респектабилен составот на клубовите кои доаѓаат. Им благодарам на организаторите на турнирот што ни дозволија ние како Олимписки комитет да се вклучиме во еден ваков прекрасен проект. ‘Цевка’ навистина тоа го заслужува. Одбрана е токму таа генерација на кошаркари со кои тој работеше низ целито свој живот, со младите. И мислам дека сите оние кои ја сакаат кошарката ќе имаат една одлична можност, да уживаат во играта на некои нови ѕвезди и сите ние заедно со нашите партнери, со неговото семејство, да се потсетиме уште еднаш на големата заоставштина која што ни ја остави Цевка“- потенцираше Димевски.
Зборови на благодарност за сето ова што ќе се случува во наредните денови, упати и синот на нашата тренерска легенда, Горан Василов „Овој пример е доказ кој покажува дека вредностите се вечни и се почитуваат. И дека се ценат и почитуваат личностите кои, секој на свој начин дале свој придонес, секој во струката во која работи. Таква е и приказната за мојот татко. Човекот кој ‘извади’ низа на квалитетни играчи и на генерации кои го носеа националниот дрес на чии успеси сме и до ден денеска сите горди. Овој турнир ќе биде и мотив плус за сите млади кои што се занимаваат со спортот кој сите го сакаме. И којзнае, можеби тука ќе се роди некоја нова приказна, за некој нов Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски или други кошаркарски легенди од овие простори. Се надевам дека турнирот ‘Драган Василов Цевка’ ќе продолжи во континуитет, секоја година, и ќе добива се поголема поддршка со што би станал препознатлив во регионот и ќе биде добра прилика за промоција на нашата општина, на нашата земја. Нека турнирот во иднина продолжи да е развива според главните карактеристики на мојот татко. А тоа се несебичната поддршка, љубезноста, позитивноста, чесноста, трудољубивоста за кои тој секогаш, како психолог, тренер и како наставник беше со младите. Благодарност до сите за оваа голема чест“ – рече Василов-јуниор на прес-конференцијата пред почетокот на меморијалниот турнир „Драган Василов Цевка“.
На премиерното издание на овој турнир, учество ќе земат вкупно осум екипи, поделени се во две групи.
Во групата „А“ за првото место на собирот во „Јане Сандански“ ќе се борат еден од домаќините, екипата на МЗТ Скопје Аеродрон, романскиот Клуж, Академик Пловдив од Бугарија, како и Реал Гуровиќ Академијата од Белград.
Во групата „Б“, освен ко-домаќините, екипата на Вардар, се уште и екипите на Шопрон од Унгарија, Слован од Словенија, и белградска Црвена Звезда.
Согласно со системот за натпреварување на турнирот, во групната фаза ќе се игра според „Раунд-робин“ системот (секој со секого). А во зависност од позициите по трите одиграни кола, ќе се одредат и мечевите за пласман кои на програмата се на 12. септември (недела, за кога е предвидено и свеченото затворање на турнирот посветен на нашето големо тренерско име, Драган Василов.
МЕЃУНАРОДЕН КОШАРКАРСКИ ТУРНИР „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ ЗА КОШАРКАРИ „ПОД 16“ ГОДИНИ
ЕКИПИ У ЧЕСНИЦИ
ГРУПА „А“
МЗТ Скопје Аеродром (Македонија)
Клуж (Романија)
Реал Гуровиќ Академија – Белград (Србија)
Академик Пловдив (Бугарија)
ГРУПА „Б“
Вардар (Македонија)
Црвена Ѕвезда – Белград (Србија)
Слован Љубљана (Словенија)
Шопрон (Унгарија)
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
9.СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК):
19.00: Свечено отворање и натпревар во забивање
10.СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК):
09.00: Клуж – МЗТ Скопје Аеродром
11.00: Реал Академија Гуровиќ – Академик
13.00: Слован – Вардар
15.00: Шопрон – Црвена Ѕвезда
17.00: Реал Академија Гуровиќ – Клуж
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Академик
21.00: туристичка прошетка со отворен автобус
11. СЕПТЕМВРИ (САБОТА):
10.00: Вардар – Шопрон
12.00: Црвена Ѕвезда – Слован
14.00: Клуж – Академик
16.00: Реал Академија – Гуровиќ – МЗТ Скопје Аеродром
18.00: Црвена Ѕвезда – Вардар
20.00: Слован - Шопрон
12. СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА):
09.30: меч за 7 место (мала сала)
11.30: меч за 5. место (мала сала)
11.00: меч за 3. место
13.00: ФИНАЛЕ
14.30: Свечено затворање на турнирот
*Натпреварите се играат во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје