07.02.2020

ПРВ НАТПРЕВАР ОД 15.КОЛО: Гостиварци слабо тргнаа, но завршија според планираното, со победа!

По слабиот почеток, гостиварци одиграа нешто подобро во нападот, и стигнаа до планираната цел против аутсајдерот, МЗТ Скопје Уни Банка, (89:69).

 

Како второпласирана екипа во Првата лига ќе ја дочека првенствената пауза екипата на Гостивар.

Во првиот меч од 15. коло стигнаа до сигурен триумф над најслабопласираниот тим во лигата, МЗТ Скопје Уни Банка.

ГОСТИВАР – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА                      89:69

( 21-25; 20-11; 28-23;20-10)

Се освен првата четвртина беше на страната на фаворитот. На екипата која со овие два бода останува на поделба на позицијата број 2. Со кого, останува да (по) кажат оние викенд натпревари, односно резултатите на конкуренцијата.

Како и да е, на вечерашниот дуел, премногу лежерно влегоа момците на тренерот Марјан Србиноски. Си дозволија таков луксуз да ја загубат првата четвртина, со (25:21). Но се поправија во втората. До одморот ја вратија предноста на својата страна (41:36). Ја зголемина во третиот дел, на уште повисоки (69:59), а финишираа со двојно повисоки (89:69).

По 15.кола, Гостивар има ефект (11-4), доволен за позицијата број 2, додека МЗТ Скопје Уни Банка има уште три шанси да стигне до првата победа во Првата лига.

Но претходно следува прекинот во шампионатот, поради настапите на нашата сениорска селекција во квалификациите за ЕП 2021.

Комплетна статистика од мечот, ТУКА.