07.03.2020

ПРВ НАТПРЕВАР ОД 17.КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА: Академија ФМП падна со Вардар, ама се подигна пред Кожув!

Она што го загубија минатта недела на гостувањето „Под Калe“, избраниците на Владимир Мирковски го добија против екипата од Гевгелија, победија со (83:73), по четвртти пат во нивната деби сезона во друштвото на најдобрите...

 

Академија ФМП ја слави четврттата победа во Првата лига. По скалпот на Работнички, уште таму некаде на почетокот на сезоната, тимот од Кисела Вода беше подобар и од гевгелиски Кожув, екипа која претендира за висок пласман во елитната дивизија.  

АКАДЕМИЈА ФМП – КОЖУВ     83:73

(18-12;  18-17; 21-30; 26-14)

Одличен почеток имаа кошаркарите на Академија ФМП. Многу поамбициозно влегоа во овој меч домашните играчи. Во седум почетни минути, преку високиот Лонг остварија двојно повеќе поени од противникот, поведоа со (16:8).

Пајиќ и Џенкинс намалија на (16:12), пред Нацевски да погоди и ги постави оние (18:12) по првиот период од играта во салата „Независна Македонија“.

„Академиците“ имаа и двоцифрена предност (31:21), во 14.минута, благодарение на точните шутеви кои дојдоа од раката на Главчев (спои осум поени за кратко време), но и продолжението на поентерската серија на Лонг, по чиј 12.поен, Академија ФМП имаше дотогаш највиски (33:21).

Овие двајца, заедно со новакот Тајрон Херис искомбинираа 27, од тие 33.поени. На другата страна, во тие 15.минути, тројца кошаркари (Караџовски, Пајиќ и Зданавичиус) имаа по пет поени, Џенкинс еден помалку.

Серијата на Академија ФМП запре на резултат (34:21), ја прекина Зданавичиус, со забивање, на 3:32 пред големиот одмор. Увод во мини серија (8-0) и приближување на гостите од Гевгелија на достижни (29:34).

Во вистински момент, би се рекло, ја прекина Анастасовски, за сосема солидно водство на екипата која брка опстанок (36:29).

Екипа која изведе само три слободни фрлања за 20.минути и погоди три тројки (од осум обиди).

Многу поскромен беше ефектот на гостите. Лоши (2/13) од зад линијата 6.75 метри, потпросечни 42% од поле, но и два скока помалку (19) во однос на мотивираниот противник.

Техничката грешка на клупата, како да ги пресече домашните кошаркари на почетокот на третата четвртина. Период кој донесе серија од девет по ред поени за Кожув, и превземање на водството (38:36).

Сето тоа во само една, единствена минута!!!

Гевгеличани максимално добро го искористија тој моментум. Поведоа и со (45:40) по што, со тајм-аут, мораше да реагира тренерот на домашната екипа Владимир Мирковски.

Во неполни три минути...

Сепак, Лонг и Главчев не дозволија уште поголем пад во играта на домашниот состав, кој беше на поен негатива (46:47), а на два по истекот на четвртината во која Кожув даде дури 30.поени  - (59:57).

Во последната, со шест по ред поени, Академија ФМП повторно беше екипата која имаше предност, (63:59).

Во пет минути Кожув даде само четири поени, Академија ФМП-14, за солиден плус од осум поени, (71:63). Но тука, домашните кошаркари не застанаа. Нацевски, со тројка, ги донесе на уште повисоки (74:64) кога останаа да се доиграат 3:51 минути.

Тројката на Караџовски за (73:78) требаше да донесе неизвесност во последната минута. Но „врати“ на ист начин, Главчев, за огромна радост на Академија ФМП, и тоа по бајаги долг период.  

Прва за Владимир Мирковски како нов тренер на екипата која сега има скор (4-13).

Комплетна статистика од мечот - ТУКА