29.02.2020

ПРВ НАТПРЕВАР ОД 16. КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА: Кожув ги згасна суперлигашките надежи на Пелистер

„Зелено-белите“ загубија во Гевгелија (75:95), па ако Куманово 2009 го добие утрешниот меч со МЗТ Скопје Уни Банка, тоа ќе стане реалност.

 

Битолчани беа пред некоја императивна форма, мораа да победат во Гевгелија во обид да ги задржат и оние теоретски шанси за Суперлигата. Но, издржаа само едно полувреме, првото...

КОЖУВ – ПЕЛИСТЕР                    95:75

(25-19; 15-21; 30-16; 25-19)

Американецот Џенкинс имаше изворедно „влегување“ во мечот. Реализираше четири по ред обиди, даде 8, од првите 11. поени за Кожув, каде се врати Стајиќ во стартната петорка.

Без грешка почна и Зданавичиус, за водство од (21:14) за домашната екипа по осум минути игра во салата „26.април“.

На истекот на првиот период беше слично, (25:19) за Кожув, а Џенкинс феноменален со „6 од 6“ од поле. Уште поинтересно, домашната екипа имаше 100% шут од поле (12/12).

Таа разлика беше „на сила“ и во средината на втората четвртина (34:27), исто како и стопроцентниот ефект на Кожув (13/13 за два поени). Но со серија од (8-2), „пелистерци“ за нецели две минути, се вратија во игра, (35:36), потоа и на (37:38).

А на полувремето беше нерешено (40:40), откако Зекири погоди за три поени, за негов 11.поен, единствен кој ја надмина таа двоцифрена бројка во гостинската екипа.

Време во кое домаќините сепак го „расипаа“ оној максимален и неверојатен ефект. Застанаа на одлични (15/19 за два поени), но слаби (2/11 за три поени). И период во кој искусниот Караџовски дојде до двоцифрени десет поени, два помалку од Џенкинс кој ги одигра сите 20.минути од полувремето.

Проблем за двете екипи беа „тенките клупи“, или малиот број на вистински заменици на клупата.

Многу подобро го почнаа второто полувреме кошаркарите на Кожув. Во пет минути имаа двојно поголем број на дадени од примени поени (16:8), со кои поведоа со солидни (56:48). Серија на поени во која се вклучи и Пејн, кој брзо стигна до 14.реализации, а Кожув и до двоцифрен плус, (60:48).

Битолчани се вратија со осум поени во низа, симнаа на (56:62). Но во тој налет ги пресече тројката на Караџовски за (65:56), а работите на „свое место“ по три одиграни четвртини ги постави Џенкинс - (70:56).

Пелистер немаше сили уште еднаш да се врати назад во игра за успех. Па на две кола до крајот на регуларниот дел, многу извесно, ќе мора да размислуваат како понатаму, во Плеј-аут конкуренцијата.

Комплетна статистика од мечот, ТУКА