10.06.2021

На првата прозивка на селекцијата „Под 20“ години, оправдано отсуствуваа неколку кошаркари

ПРВ СОБИР НА МЛАДИНЦИТЕ: Симиќ ќе (по) чека Јакимовски, Миловановиќ, Данаиловски, Зекири...

Десетиот ден од јуни и официјално го означи почетокот на подготовките на нашиот национален тим за кошаркари „Под 20“ години.

Во салата на СРЦ „Кале“ селекторот Тони Симиќ ги повика сите расположиви сили во две возрасни категории. Играчи родени 2001 и играчи родени 2002 година.

А првата прозивка на Симиќ ја пропуштија дел од играчите кои сезоната ја поминаа во играње за странски клубови.

„Тргнавме со оние кои се подготвени за максимални напори кои со себе ги носи тренирањето во младинскиот национален тим. Ќе се обидеме да бидеме комплетни, но здравствената слика во овој момент не ни го дозволува тоа. Марко Миловановиќ е одново со позитивен тест од Ковид-19. Андреј Јакимовски има проблеми со препоните и сака да ги реши што е можно поскоро. Повреден е и Бранко Шуменковски, кој во изминатиот период беше во САД. Но е тука со нас, следуваат дополнителни прегледи и консултации со докторите за понатамошниот тек на рехабилитацијата на повредениот скочен зглоб. Во договор со раководството на федерацијата, во овој дел е ослободен Лејсон Зекири, кој е на проба во Турција, додека пак на 26.јуни треба да се приклучи и Павел Данаиловски, кој сеуште има клупски обврски со неговиот клуб во Шпанија“- коментира селекторот по првиот одработен тренинг.

Согласно со планираните активности, оваа наша селекција ќе работи во Скопје до 17. јуни, за кога е предвидено да почне втората фаза од подготовките, оние висинските, по што следуваат и првиот контролни средби.

„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите во оваа почетна фаза. Очекувам поволни лекарски вести. Во Скопје ќе бидеме до четврток, по што следува преселба, и вториот дел од подготовките кои се планирани да бидат некаде на планина. Она што посакувам во овој момент е да нè одминат проблемите со повреди. Да одработиме најдобро што можеме и подготвени да одиме за Шопрон каде ќе го играме оној т.н. ‘челенџер’ турнир на ФИБА“ – дополнува Симиќ.

Утринава, на првиот тренинг во СРЦ „Кале“ се појавија следниве кошаркари:

Лука Савиќевиќ (КК МЗТ Скопје Аеродром), Андреј Андоновски (КК МЗТ Скопје Уни Банка), Дарио Митевски (КК МЗТ Уни Банка), Виктор Исајловски (КК МЗТ Уни Банка), Марко Величковски (КК МЗТ Уни Банка), Богдан Мирковски (Мантова-Италија), Давид Наумовски (КК Водно санс Партизан), Јован Цветков (КК Водно санс Партизан), Тодор Златев (КК Еуро Никел 2005), Љубиша Димитровски (КК Навико Академија ФМП), Никола Груевски (КК Навико Академија ФМП), Филип Ѓорѓиев (КК Навико Академија ФМП), Данаил Иванов (КК Вардар), Кристијан Столевски (КК Гостивар) Таулант Ибраими (САД) и Бранко Шуменковски (САД)