24.03.2023

Екипата од Тафталиџе има победа повеќе во пресрет на саботниот меч (20.часот) во СЦ „Јане Сандански“...

ПРВА ЛИГА – МАЖИ: Феникс 2010 и ТФТ Мozzart во битка за третото место

ФОТО: Андреј Митревски и соиграчите од Феникс 2010 ќе бараат победа и против локалниот ривал од Тафталиџе 

Колото број 19 со себе носи неколку интересни натпревари, кои имаат директно влијание во изгледот на првенствената табелата.

А некако во „преден план“ доаѓа средбата во која ќе се сретнат екипите на Феникс 2010 и на ТФТ Mozzart. Ќе се игра во сабота навечер од 20.часот, во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Гостите од Тафталиџе (ефект 12-6), го бранат третото место на табелата, кое во овој момент го делат со екипата на Гостивар. За домаќинот ова е добра шанса, на домашен терен да го стигнат ефектот на „црно-белите“, и да се израмнат според бројот на бодовите со нив во пресрет на последните две кола од регуларниот дел.

Во слична ситуација се и кошаркарите на Еуро Никел 2005. По поразот на гостувањето во Битола, кавадарчани се „симнаа“ место подолу на табелата. Со скор (11-7), идентичен како што има и Феникс 2010, ќе имаат уште потешка задача од нив. Да бидат подобри од актуелниот бранител на шампионскиот пехар, МЗТ Скопје Аеродром.

Поради обврските на екипата од Аеродром во АБА лигата, овој натпревар ќе се одигра на 28. март (вторник) во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Второпласираниот Пелистер (14-4), ќе биде на сериозно искушение на гостувањето во Гевгелија, каде ги чека дуелот со екипата на Кожув, во натпревар кој е закажан за 26.март (недела), со почеток од 19.часот.

ФОТО: Младиот тим на Навико Академија ФМП овој викенд на сериозен испит во Струмица

Мошне важен дуел во битката за опстанок во друштвото на најдобрите ќе играат екипите на Струмица 2022 и на Навико Академија ФМП. Дуелот против „лавовите“ од Кисела Вода на домашен терен во „Парк“, се чини е најдобрата шанса во овој втор дел од првата фаза за струмичани да дојдат до третата прволигашка победа. Засега се на две, или една помалку во однос на ривалот со кој ќе играат во сабота, од 17.30 часот.

Нешто подоцна, од 20.30 часот, во Куманово гостува екипата на Гостивар (12-6) во обид да остане во трката за местото број 3 на табелата кое носи предност на играње на домашен терен во првиот круг од плеј-офот.

Од 21 часот, пак, екипата на Чаир 2030 (5-13), ќе (по) бара уште едно изненадување по она кое го направи пред десетина дена со победaтa  над Пелистер. Им гостува Работнички (10-8), екипа пак која има свои планови, а се поврзани со место погоре на табелата пред почетокот на доигрувањето за шампионската титула во кое „црвено-белите“ бараат реализација на своите амбиции.   

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

ДВОЈКИ 19. КОЛО

25.МАРТ (САБОТА)

17.30: Струмица 2022 – Навико Академија ФМП

Сала „Парк“ – Струмица

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/-QTAybZ7lnA?feature=share

20.00: Феникс 2010 – ТФТ Мozzart

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/90lqe2xCHq4?feature=share

20.30: Куманово 2009 – Работнички

Сала „Перо Наков“ - Куманово

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/XmrWmeL6bMk?feature=share

21.00: Чаир 2030 – Гостивар

Сала „Шабан Трстена“ - Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/7cj9UyceDjQ?feature=share

26.МАРТ (НЕДЕЛА)

19.00: Кожув – Пелистер

Сала „26.април“ - Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/2qKGBGSOn0A?feature=share

28. МАРТ (ВТОРНИК)

19.00: Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/SVQa9VwD2_k?feature=share