Во игра во која имаше видливи осцилации, и тоа на двете страни, на крајот, Феникс 2010 успеа да го совлада составот од Гевгелија и да остане непоразен во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
ФЕНИКС 2010 – КОЖУВ 83:79
Одлично прво полувреме, и уште подобар почеток во третата четвртина имаа домашните кошаркари.
Извесно беше дека завршија добар дел од задачите, оние дефанзивните, во кои посебно внимание му беше посветено на најдобриот стрелец во Првата лига. Мајрон Гордон даде само два поени во првото поливреме. Доволно, дури и повеќе од тоа Феникс 2010, да се стекне со, и тоа како солидна предност, изразена со десет поени (43:33).
Таа „порасна“ на највисоки (55:38), по нецели четири минути игра во третата четвртина. Но кога требаше, „се појави“ и Гордон, со чија помош екипата од Гевгелија се врати во мечот. Иницираше серија од (16-4) која го доведе Кожув на само пет поени негатива (54:59).
Резултат кој стоеше на семафорот по 29 минути.
Не помогна ниту тајм-аутот на тренерот на Феникс 2010, Денис Дервишевиќ, Гевгеличани дојдоа до разлика од само „еден посед“.
Сепак, Џојнер се погрижи последната четвртина да тргне со поинаков резултат. Со тројка „од центарот“ и звукот на сирената, постави (62:56). Резултат со која стартуваше последниот период.
Со својот десетти поен во второто полувреме (вкупно 12), Гордон беше играчот кој им донесе и водство на гостите (67:65), во средината на четвртата четвртина. Имаа „црвените“, по „два плус еден“ играта на Ризвиќ, и повисоко водство, од (76:72).
Но немаше предавање од домашната екипа која смогна сили за да ја врати предноста на својата страна (77:76), на 1:24 секунди до крајот.
Младиот Петков беше „мирен“ од линијата за слободни фрлања, и го зголеми водството на (79:76), но останаа само 25 секунди за доигрување.
Следуваше „кражба“ на Хот, за (81:76), па „брза тројка“ на гостите преку Ризвиќ, за достижни (79:81). Па две реализирани слободни фрлања од Џојнер за недостижни (83:79), пред победата, со „блокада“, да ја осигура Трајковски.
Вкупно 11 за Феникс 2010, екипа која ја продолжува битката за третото место на табелата. Гевгеличани, дефинитивно, може да жалат што не го искористија својот моментум на овој меч, во кој направија пресврт, но не стигнаа до победата. Па остануваат на скорот од осум победи, сега и десет порази.
ПРВА ЛИГА - МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 18. КОЛО
Феникс 2010 – Кожув 83:79
ТФТ Мozzart – Навико Академија ФМП 74:71
Работнички – Струмица 2022 99:66
19. МАРТ (НЕДЕЛА):
17.00: Гостивар – Куманово 2009
Сала „Младост“ - Гостивар
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/ZJWQydEcCkk?feature=share
18.30: Пелистер – Еуро Никел 2005
Сала „Боро Чурлевски“ - Битола
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/WefH4aUx78M?feature=share
21.МАРТ (ВТОРНИК):
18.00: Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/fhx5okujjW8?feature=share
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 32 (-1), Пелистер 30 (-1), ТФТ Mozzart 30, Феникс 2010 29, Работнички 28, Еуро Никел 2005 28 (-1), Гостивар 28 (-1), Кожув 26, Чаир 2030 21 (-1), Куманово 2009 21 (-1), Навико Академија ФМП 21, Струмица 2022 20;