Брзо „заборавија“ на киксот кој го направија во изминатото коло кошаркарите на Пелистер (пораз од дебитантот Чаир 2030 во Скопје). На вистински начин, со сигурна победа против сосема солидниот состав на Еуро Никле 2005 пред своите гледачи во салата „Боро Чурлевски“.
Впрочем, дербито во Битола во кое се сретнаа екипите на Пелистер и на Еуро Никел 2005, ја заокружи викенд-програмата од 18 коло, во кое останува да се доигра уште еден натпревар. Оној на 21 март (вторник) во салата „Шабан Трстена“, каде Чаир 2030 го дочекува актуелниот шампион - МЗТ Скопје Аеродром.
ПЕЛИСТЕР – ЕУРО НИКЕЛ 2005 92:74
Воведните минути од дербито на ова 18. коло поминаа во знакот на Андреј Маслинко. Репрезентативецот од редовите на Пелистер набрзина комплетираше 12 реализации и го поведе својот тим кон првата позначајна предност.
Нерешено се играше во Битола скоро осум минути (18:18), пред „пелистерци“ да направат мини-серија од шест поени и на првата мала пауза заминат со солидно водство од (24:18),
По четирите реализирани поени на Силаџи, Пелистер веќе водеше со двоцифрени (30:20), а не поминаа ниту две минути од втората четвртина. По тројката која дојде од Стајиќ, домашниот тим имаше уште повисоки (37:26), но гостите од Кавадарци не дозволуваа таа разлика да биде и поголема.
Барем не во тој период...
Односно до моментот кога „од радарот“ им побегна Иван Сапунџиев. Беше вистинско изненадување за одбраната на Еуро Никел 2005, до полувремето комплетираше десет поени. Погоди две тројки, една двојка, и две слободни фрлања. Исто колку и Хаџифејзовиќ, па на одморот, оној големиот, битолчани однесоа сосема солиден „вишок“ , од 12 поени (49:37).
Беше уште поголем (64:43) на средина од третата четвртина, пред гостите да го искористат малото опуштње во играта на „зелено-белите“. И да анулираат добар дел до високата негатива. Еуро Никел 2005 стигна на, би се рекло „стандардните“ (56:68), по „минијатурата“ од седум поени на најмладиот на теренот – Тодор Златев.
Но до истекот на тој дел од играта домаќините додадоа уште три поени пус на тоа водство, за (71:56).
Сосема добро издание имаше Бобан Стајиќ. На 17 поени, репрезентативниот бек на „пелистерци“ додаде и десет асистенции, шест скока (имаше и исто толку загубени топки), додека најмногу поени, 26 за домашната екипа дојдоа од Хаџифејзовиќ (плус и осум скока). Одличната роља на овој меч, Сапунџиев ја заокружи со 15 поени (со сите погодени шутеви од поле), а Маслинко застана на 14.
Во екипата од Кавадарци, Стојановски постигна 15, Планиниќ 12, а еден поен помалку имаше Гавриловиќ.
Во 18 одиграни мечеви, Пелистер има скор (14-4), додека пак Еуро Никел 2005 сега е на (11-7).
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 18. КОЛО
Пелистер – Еуро Никел 2005 92:74
Гостивар – Куманово 2009 86:63
Феникс 2010 – Кожув 83:79
ТФТ Мozzart – Навико Академија ФМП 74:71
Работнички – Струмица 2022 99:66
21.МАРТ (ВТОРНИК):
18.00: Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/fhx5okujjW8?feature=share
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 32 (-1), Пелистер 32, ТФТ Mozzart 30, Гостивар 30, Еуро Никел 2005 29, Феникс 2010 29, Работнички 28, Кожув 26, Чаир 2030 21 (-1), Куманово 2009 22, Навико Академија ФМП 21, Струмица 2022 20;