25.03.2023

Работнички многу подобар од Куманово (82:54), а Гостивар победи на гостувањето во Чаир (97:93), останува на делба на позицијата број 3

ПРВА ЛИГА – МАЖИ: Работнички без проблеми помина во Куманово, и дојде на делба на шестото место

Екипите на Гостивар и на Работнички ги оправдаа фаворитските улоги во мечевите со тимовите кои се во долниот дел од табелата.

Работнички го скрши отпорот на Куманово во второто полувреме, истото го сторија и гостиварци на гостувањето во Чаир. 

КУМАНОВО 2009 – РАБОТНИЧКИ      54:82

Кумановци му пружија доста добар отпор на тимот кој важеше како фаворит пред почетокот на средбата. На полувремето, „црвено-белите“ беа во плус од само шест поени (35:29).

Но со серијата од (7-0) која ја реализираа во нешто повеќе од две минути, на почетокот на третата четвртина кошаркарите на Работнички поведоа со (42:29).  

Одлично, гледано напаѓачки, во гостинскиот тим, функционираа Џелетовиќ Малешевиќ и капитенот Марковски. Реализираа 40 од 49 поени за Работнички по 27. минути игра во кои гостите од Скопје го чуваа водството (49:37). А до крајот на тој дел од натпреварот, дојдоа до уште повисоки (56:40).

Практично, тука беше и крајот на Куманово 2009 за било какво „враќање во мечот“. Без вистинска играчка ротација и  не можеа да сметаат на нешто повеќе. Работнички пак, од друга страна продолжи да го полни кошот на противникот. Имаа и плус 30 (80:50) избраниците на тренерот Димитар Мираковски, кои сега се изедначуваат со екипата на Феникс 2010 (со скор 11-8) на делба на шестото место на табелата.

За кумановци пак останува сериозна битка за опстанокот, одамна се на четири победи, сега го запишаа и 15. негативен резултат во сезоната.

ЧАИР 2030 – ГОСТИВАР  93:97

Ефикасно, и неизвесно прво полувреме одиграа Чаир 2030 и Гостивар во салата „Шабан Трстена“. Уште еднаш за кратко време чаирчани, против едeн квалитетен противник, покажаа дека се подготвени да одат до крај, и да останат во прволигашката конкуренција и по својот дебитантски настап.

Тон на таа ефикасна игра даваа Мустафица од домашната, односно Ефремовски на гостинската страна. Имаа по 15 реализации во првите 20 минути од играта во кои чаирани, сепак, имаа минимално водство (51:50).

Во продолжението, на Мустафица, поентерски му се придружи Пајиќ, кој брзо дојде до бројката од 12.поени, придонес даде и младиот Реџа (даде девет), но недостасуваа поените на Јусуф Мохамед, еден од носителите на играта, кој остана на трибините.  

Забележливо во вториот дел од играта во кој, освен Ефремовски, во составот од Гостивар почнаа да погодуваат, и тоа со висок процент на реализација, и Жигон и Митевски. За мало одвојување, на (58:51), но не за долг период, затоа што чаирчани брзо се вратија во резултатски егал, дури и поведоа, по серијата од (9-0) со (60:58).

Следуваше контра-удар од спротивната страна, по кој гостите се вратија во позитива, сега од пет поени (68:63). Предноста ја имаа и на крајот на третиот дел од играта, (73:69).

А прашањето за победникот падна во првата половина од последната четвртина. Пет минути во кои Гостивар направи, парцијално гледано, (14-4) со кои се одвои на висока предност (87:73). Навистина, домашната екипа стигна до (86:90) на нецели сто секунди пред крајот. Но кога требаше, Ефремовски постигна уште една тројка, сега за недостижни (93:86).

Доволно за нова победа, за нив 13. во сезоната (имаат и шест порази), и ефект кој ги става на делба на третата позиција заедно со екипата на ТФТ Mozzart а пред последните три круга од регуларниот дел.  

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 19. КОЛО

Куманово 2009 – Работнички  54:82

Чаир 2030 – Гостивар      93:97

Феникс 2010 – ТФТ Мozzart      66:76

Струмица 2022 – Навико Академија ФМП  94:99

26.МАРТ (НЕДЕЛА)

19.00: Кожув – Пелистер

Сала „26.април“ - Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/2qKGBGSOn0A?feature=share

28. МАРТ (ВТОРНИК)

19.00: Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/SVQa9VwD2_k?feature=share

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 34 (-1), Пелистер 32 (-1), ТФТ Mozzart 32, Гостивар 32, Феникс 2010 30, Работнички 30, Еуро Никел 2005 29 (-1). Кожув 26 (-1), Чаир 2030 23, Навико Академија ФМП 23, Куманово 2009 23, Струмица 2022 21;