Во меч за престиж и што подобра позиција на табелата во Плеј-аут лигата, кошаркарите на Кожув на драматичен начин, со кош во претпоследната секунда славеа победа против Работнички
КОЖУВ – РАБОТНИЧКИ 73:72
Првото полувреме кое помина со постојана предност на гевгеличани, го одбележаа два играчи. Деј на страната на Кожув кој постигна 18, и Балмазовиќ кој на другата половина од теренот реализираше два помалку – 16. Но по 20.минути од играта во салата „26.април“ Кожув имаше сигурно водство од (45:33).
Малку поинаку се одвиваа настаните во третата четвртина. Домаќините никако не успеваа да се „спојат“ со кошот на противникот. Дадоа само шест поени за осум минути во кои Работнички се доближи на сериозно достижни, (47:51). А до крајот на тој дел од играта, скопските „црвено-бели“ и поведоа, со (56:51).
Ист беше резултатот и на четири минути до крајот, (65:60), кога тргна ново одлично индивидуално издание на Деј, кој во само две минути, (за својот 32.поен на мечот) ја врати предноста на домашната страна, (66:65). Со тројка, нерешен скор (70:70) донесе Марковски и остави 47. секунди за решение кој ќе победи. Откако Кожув не го искористи својот напад, во нареднито топката отиде во рацете на најдобриот играч кај Работнички, Балмазовиќ. На три секунди пред крјот, искусното крило погоди преку Главчев за водство (72:70).
Но тоа не беше крајот...
Декардо Деј навистина имаше свој ден, кој на секунда пред последниот звук на сирената, го заокружи со тројка од аголот, за нов успех на Кожув.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 7.КОЛО ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА:
Кожув – Работнички 73:72
МЗТ Скопје Уни Банка – Навико Академија ФМП 75:81
Ангели – Куманово 2009 72:65
ТАБЕЛА: Навико Академија ФМП 16-13, Работнички 13-16, Кожув 12-17, Куманово 10-19, Ангели 7-22, МЗТ Скопје Уни Банка 4-25;